Текстот е објавен на 25 јануари 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.477.
Вредниот тендер што кичевската агенција за обезбедување „2 СС“ во 2022 година го добила од ЈП за државни патишта за двегодишно обезбедување на патирините е во фокусот на истрагата, во чии рамки осомничени се поранешниот управител на фирмата Џемаљ Билбилоски и поранешниот директор на ЈПДП Ејуп Рустеми, поради тоа што обезбедувањето било делумно, се наплаќало како да е 24/7. Во однос на „2 СС“, „Фокус“ неодамна пишуваше дека нејзинот основач бил од ЛДП, а скоро станал и директор на Агенцијата за пошти. Меѓутоа, тој агенцијата за обезбедување ја продал на лица, кои во последниве години добиваат наголемо тендери од институции со кои раководи кадар на ДУИ, меѓу кои и М-НАВ, каде што неодамна се случи упад и физичка пресметка. Неговите акции од „Жито Караорман“, пак, завршиле кај сватот на Ахмети. Пишувала: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Чуварот што бил на смена кога упаднаа осум лица на чело со претседателот на чаирскиот огранок на ДУИ, Беким Незири, во М-НАВ заврши во куќен притвор. Тој што ја отворил рампата за да влезат насилниците во контролната кула за летање, каде што контролори следеа и насочуваа авиони, всушност, бил вработен како обезбедување во кичевската Агенција „2 СС Кичево“, која, пак, го добила тендерот да го чува објектот на Македонската навигација. Но, обезбедувачот без проблем ја пуштил толпата заедно со Незири, кој истовремено е и советник во М-НАВ откако така му кажале чуварите од внатре. А внатрешното обезбедување на објектот не се лиценцирани обезбедувачи, туку поранешни чувари, градинари во М-НАВ. Обезбедувачот заврши во притвор, а компанијата е категорична дека тој постапил според процедурите.
– Нашиот став во однос на постапувањето на нашиот вработен е дека истиот постапил правилно и во согласност со предвидите обврски согласно Договорот за јавна набавка на услуги за обезбедување, односно во согласност во внатрешните процедури за обезбедување и постапување – одговорија од „2 СС“ во изјава за медиумите. „Фокус“ пишуваше за кичевската компанија за обезбедување, која е една од агенциите што добиваат најмногу тендери од државните компании. Бизнис-портфолиото на „2 СС Кичево“ покажува дека компанијата е формирана во 2005 година, а во последниве три години има раст на приходите.
Регистрирана е како компанија со дејност „услуги за заштита со помош на сигурносни системи“. Сопственик е Самир Билбилоски од Кичево, а управител Џемаљ Билбилоски. Според Централниот регистар, компанијата учествува на тендери и има 30 договори во последната година. Бизнис-портфолиото на компанијата не оддава никаква поврзаност со вечната владејачка партија ДУИ, освен градот Кичево, во чија близина е родното село на лидерот Али Ахмети.
ТЕНДЕРИ И ГОЛЕМА ДОБИВКА
Но, опозициската партија од албанскиот блок Алтернатива на Африм Гаши, која бараше одземање на дозволата за работа на оваа агенција, обвини дека сопственикот е близок до лидерот на ДУИ, а еден од обезбедувачите немал ниту лиценца.
На социјалните мрежи може да се најдат фотографии од сопственикот Билбилоски во опуштена атмосфера, во кафуле со синот на возачот на Ахмети, Шефик Исмаили. Медиумите го поврзуваат поточно Билбилоски со Шефик.
Освен фотографиите на социјалните мрежи, од анализата на тендерите што ги добила кичевската компанија, може да се заклучи дека најсолените договори се склучени со институциите што се под раководство на кадар на ДУИ.
Така, според јавно објавените податоци на Бирото за јавни набавки, најголемиот тендер во последната 2023 година, кичевските обезбедувачи го добиле од Агенцијата за електронски комуникации, а е вреден речиси 350 илјади евра. На договорот со кичевската фирма се потпишал Јетон Акиу, кадар на ДУИ.
Акиу инаку му е зет на поранешниот функционер на ДУИ, Невзат Бејта, но тој тврди дека тоа не било пресудно да стане прв човек на ова регулаторно тело. Имало конкурс, конкурирал и комисијата одлучила тој да биде директор.
Вториот по големина договор што го склучила фирмата, тежок речиси 300 илјади евра, е за видеонадзор на објекти на продажни места и службени простории со АД за приредување игри на среќа, Државна лотарија.
Таму, пак, е директор Перпарим Бајрами, кој претходно работел како советник во Собранието, а бил и шеф на кабинетот на вицепремиерот Артан Груби, односно работел во Министерството за политички систем.
Бајрами, според медиумските написи, е човек близок до Груби, а последна поврзана афера со него е отворањето веб-портали што вршеа медиумска хајка против претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, откако највисокиот суд не го оживеа помилувањето што го даде поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
„2 СС Кичево“ ја обезбедува и Агенцијата за задолжителни нафтени резерви на чело со Уљуси Бекири, исто така кадар на ДУИ. Овој договор е вреден нешто помалку од 150 илјади евра.
На листата на клиенти на кичевската „2 СС“ се и скопската болница „8 Септември“, клиниките за хематологија и кардиологија, Фондот за здравствено осигурување, болницата во Кичево, Националниот конзерваторски центар, Управата за заштита на културното наследство, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа и многу други институции.
И минатата година, оваа компанија склучила над 20 договори со државни институции, а најголемиот тендер го добила од Јавно претпријатие за државни патишта – обезбедување наплатни станици во времетраење на две години. Овој договор е склучен во август 2022 година, вреден е 861.296 евра, а потпис на договорот ставил директорот Ејуп Рустеми од ДУИ.
ОСНОВАЧОТ Е ОД ЛДП
Според официјалните податоци, оваа компанија досега склучила 96 договори со државни компании и само од тендери зела околу 5,5 милиони евра.
Податоците од Централниот регистар за финансиите на компанијата за 2021 и 2022 година покажуваат раст на приходите од речиси 100 проценти. Ако во 2021 година, компанијата остварила приходи од околу 63 милиони денари, во 2022 година, тие пораснале на околу 106 милиони денари, односно 1,7 милиони евра.
Од 2018 година почнале да растат и добиените тендери, па кулминацијата ја достигнуваат во 2022 година.
На прашањето за поврзаноста на компанијата со ДУИ, образложението на „2 СС Кичево“ е дека се основани од 2005 година, кога добиле лиценца и од тогаш успешно работат. Тоа го покажуваат и податоците од Централниот регистар, во кои стои дека Агенцијата пред 18 години ја основал Сретен Миладиноски од Кичево.
Тој, во 2008 година му ја продал агенцијата на Билбилоски, кој потоа ја води заедно со неговиот син.
Миладиноски е член на извршниот одбор на Либерално-демократската партија и професор доктор по економски науки, а предава на приватниот МИТ Универзитет во Скопје.
Неодамна, односно на 16 јануари, Миладиноски седна на директорското столче на Агенцијата за пошти, тело што го регулира работењето на акционерското друштво „Пошта“ и другите приватни поштенски агенции.
– Сретен Миладиноски, доктор на економски науки, е избран за директор на Агенцијата за пошти, на јавниот оглас, кој во месец декември 2023 година го спроведе Комисијата на агенцијата за пошти. Директорот Миладиноски стапи во функцијата на ден 16.1.2024 година со мандат од пет години, соопшти регулаторното тело.
Миладиноски ја замени својата сопартијка Билјана Аврамоска-Ѓореска, а ова директорско место изгледа е за коалицискиот владин партнер, ЛДП.
Неговиот татко, пак, Софронија Миладиноски бил професор и декан на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, како и ректор на битолскиот универзитет. Додека бил декан, бил суспендиран од функцијата откако просветниот инспекторат во 2010 година утврди незаконитости во работата на деканот.
Миладиноски тогаш тврдел дека некому му пречи успешноста на факултетот. Но, освен професорската дејност, таткото и синот се и бизнисмени.
Најверојатно, двете „С“ во името на Агенцијата за обезбедување се почетните букви од нивните имиња, но освен тоа што ја продале Агенцијата на лица што се поврзуваат со ДУИ и акциите што ги поседувале во млинско-пекарската компанија „Жито Караорман“, завршија кај сватот на Ахмети, Селаудин Арифи.
Во јули минатата година, Миладиноски стави на продажба 50,67 проценти од акциите што ги поседуваше во „Жито Караорман“, односно близу 51 отсто.
Тие беа продадени за 56 илјади евра, а ги купи Арифи, кој претходно имаше 23,2 проценти во оваа компанија. Сега Арифи поседува речиси 74 отсто од акциите во млинско-пекарската компанија и е нов сопственик.
АКЦИИТЕ ОД „ЖИТО КАРАОРМАН“
Тој е сопственик на „АС Сењак“ и е сват на Ахмети, односно неговата ќерка е свршеница на претседателот на ДУИ. Арифи стана мнозински сопственик на „Жито Караорман“, еден месец откако ги продаде акциите во „Жито полог“, каде што беше бизнис-партнер со Сергеј Самсоненко и „Орка“ на Орце Камчев.
Тој не успеа да ги убеди и другите акционери да му ги продадат акциите, иако имаше таква понуда, но, сепак, е мнозински сопственик.
Фирмата „АС Сењак“ се најде во фокусот на јавноста, кога компанијата „Тхор индустри“ на внукот на Ахмети, Дрин, кој го купи бизнис-центарот „Соравија“. Тогаш беше откриено дека оваа фирма префрлала пари на „АС Сењак“.
Фирмата има акционерски удели во повеќе познати компании и во нискоградба и во производство на храна. Исто така. АС Сењак е единствената фирма, која веќе со години ја ангажира Општина Кичево, каде што трет мандат е градоначалник Фатмир Дехари од ДУИ, а која врши асфалтирање и реконструкција на улиците во општината.
Веднаш откако го доби мнозинството, Арифи го разреши досегашниот одбор директори во состав на Марјан Максимоски, Софронија Миладиноски и Слободан Јовески, со одлука на Собранието на акционери.
Јовески, кој има над 5 отсто акции, е избран за генерален извршен директор, а други неизвршни директори се Зоран Паневски и Арбиан Бајрами.
Сепак, со продавањето на акциите не се прекинува поврзаноста на Арифи со Миладиноски, ниту на Миладиноски со „Жито Караорман“.
Па, така мелничко-пекарската компанија се јавува како еден од многуте сопственици на „Хец Драгов дол Кичево“, компанија за производство на струја.
Основана е во 2020 година, а нејзини сопственици, освен „Жито Караорман“ се и Сретен Миладиноски, Александра Аврамоска, Слободан Јовески, како и Македонската православна црква-Охридска архиепископија.
Малата хидроцентрала во Драгов Дол, Општина Македонски Брод требаше да биде изградена на Треска, но нема информации до каде е изградбата, само се знае дека владата дала согласност за пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изградба на хидроцентралата. Тоа беше првпат МПЦ да влезе во бизнисот со струја.
– Црквата, во моментов, располага со одредени финансиски средства и сметавме дека е добро тие да не седат така, туку да се вложат во нешто, за да се оствари добивка – изјави тогаш вака владиката Тимотеј.
Оваа компанија, пак, е на иста адреса со „Еол енергие Кичево“ и „М-в енергу Кичево“.
Всушност, Миладиноски, од пред неколку години се насочиле кон бизнисот со електрична енергија, па така, таткото и синот Миладиноски се јавуваат како сопственици и на компанијата „Еол енергие ДОО Кичево“. Основана е во 2022 година, а освен тие двајца, сопственик е и извесен Јове Брглевски и еден странски државјанин.
БИЗНИС СО СТРУЈА
Другата компанија, која е на иста адреса „М-В енергу ДОО Кичево“, е во сопственост на Миладиноски и Ади Вокши.
Вокши, кој, како што објавија медиумите, е од Гњилане, Косово, освен како сопственик на оваа компанија, има мрежа на фирми, чија дејност, исто така, е производство на електрична енергија.
Па така, откако Арифи го презеде „Жито Караорман“, компанијата за струја „Хидро-кар Кичево“ ја презеде Вокши.
Мелничко-пекарската компанија „Жито Караорман“ се јавуваше како основач и единствен содружник на „Хидро кар“, со 100 отсто запишан капитал од вкупно 66.600 евра, односно паричен влог од 5.000 евра и непаричен уплатен влог на износ од 61.600 евра.
Вокши, заедно со Блеранд Сарачини, исто така, е и еден од управителите на фирмата за струја „МИТ Солар ДООЕЛ Скопје“, која е основана минатата година, а нејзин сопственик е Саит Вокши.
Управител е и во „Аси-ивест –М Скопје“ формирана во 2022 година. Таму како сопственик се јавува „УС. Енерги Скопје“, основана во 2021 година, на која сопственици се Сарачи и Саит и Енвер Вокши. Во 2022 година, Вокши основале и уште една фирма за струја „Аси-траде М Скопје“.
Од компаниите што се занимаваат, пак, со производство на струја, а се поврзани со Миладиноски, најстара е „ХЕЦ 408 Кичево“, која е основана во 2010 година, но според финансиите е во длабок минус.
Таму сопственици се Миладиноски, Ристо Николоски, но и „Жито Караорман“. Најнова компанија за производство на струја што ја отворил Миладиноски е „Енервинд Скопје“ со седиште во Кисела Вода. Основана е во 2023 година, а освен Миладиноски, сопственик е и извесен Павле Андонов.
ЛДП и ДУИ се коалициски партнери во владата, но, според овие информации, добро им оди и бизнисот. „Фокус“ го контактираше Миладиноски, но не доби одговор зошто и како компаниите што биле во негова сопственост, завршуваат во рацете на ДУИ.