Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски вечерва во гостување на телевизијата „24“ рече дека семејствата на жртвите од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ вината за пожарот ја бараат кај политичките партии кои наизменично ја воделе државава. Според него, понекогаш треба да се надминат политичките суети и да се прифаќаат предлозите на опозицијата.
„Јас мислам дека граѓаните во Кочани вината најмногу ја лоцирале кај овие две политички партии, без разлика која колку била на власт. Ја лоцирале во системот, а системот го создадоа овие две политички партии. Кај истите тие две политички партии вината е подеднаква , двете се виновни. Тие од 1991 го создале овој систем кој доведе до функционална корупција, не само во Кочани, туку секаде. Во нормални цивилизирани држави е нормално да се прифати закон предложен од опозиција. Кај нас е одлика никогаш да не се прифати предлог закон од опозицијата, без ралика кој е на власт, а кој опозиција. На ваков случај ние не може да ги надминеме ситнопартиските суети и да се прифати, ете, тој закон. На сите родители им е згадено од политичките елити и вината ја посочуваат кај сите и сега ние треба да правиме политика од тоа? Ако имаа срам, ќе молчеа сите и немаше да има политички препукувања. Што направија пратениците освен што си дадоа одмор по трагедијата? За разлика од кај нас, во Бугарија пратениците организираа и донираа пари. Јас во Македонија не видов масовно да се откажуваа од платите и да донираат за семејствата“, рече Атанасоски.