Под засилен инспекциски надзор ставен е и увозот на сите пратки со изворска минерална вода, како безалкохолните пијалаци по потекло од Косово. Засилени контроли на увозното овошје и зеленчук спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство. Целта е велат од оваа институција да се обезбеди поголема безбедност на храната и постигнување високо ниво на заштита на здравјето на луѓето, во услови на интензивирање на трговијата со овошје и зеленчук. За таа цел се мониторираат пратките со овој вид производи што се увезуваат во земјава, од сите држави. – Засилените контроли ќе се реализираат со земање лабораториски мостри за испитување на резидуи (остатоци) од пестициди, со акредитирани методи, од секоја пратка. Мострите ќе се земаат на инспекциските места при увоз, а пратките нема да се пуштаат во промет се до добивање на резултат со кој ќе се потврди безбедноста на производите – велат од АХВ.
Од АХВ додаваат дека поради лабораторискиот наод, позитивен на колиформни бактерии кај изворска минерална вода по потекло од Косово, што е спротивно на одредбите од Правилникот за посебните барања за безбедност на природна минерална вода, изворска вода и друга пакувана вода („Службен весник на РМ“ бр. 184/20218), под засилен инспекциски надзор ставен е и увозот на сите пратки со изворска минерална вода од оваа земја. – Под засилен инспекциски надзор во однос на микробиолошките критериуми за безбедност на храната се и пратките со безалкохолни пијалаци по потекло од Косово, каде што во една пратка, со лабораториска анализа утврдено е присуство на аеробни бактерии. За секоја од наредните пратки со изворска вода и безалкохолни пијалаци по потекло од Косово, ќе се земаат лабораториски мостри за испитување на микроорганизми во согласност со Правилникот за посебните барања, кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната – посочуваат од АХВ.