Ахмети порача дека нема да дозволат да се постават гласачките кутии, што би значело дека интегративците на терен ќе се обидат да го спречат одржувањето на локалните избори наесен, а што, пак, владејачката Вреди го толкува како бојкот на изборите од ДУИ. Лидерот на ДУИ Али Ахмети ја заострува реториката и упати нова закана во пресрет на подготвителната седница на Уставен суд, закажана за 20 март, за Законот за јазиците – дека ако биде засегнат албанскиот јазик, ќе нема локални избори.
Ахмети порача дека нема да дозволат да се постават гласачките кутии, што би значело дека интегративците на терен ќе се обидат да го спречат одржувањето на локалните избори наесен, а што, пак, владејачката Вреди го толкува како бојкот на изборите од ДУИ.
Официјално, никој од висoките функционери на ДУИ не сака да коментира дали изјавата на Ахмети е само притисок до Уставниот суд пред подготвителната седница за јазикот, или партискиот лидер е подготвен да испровоцира политичка криза на денот на изборите. Неофицијално, партиски извори од ДУИ брифираат дека ако се чепне во албанскиот јазик, Ахмети порачал дека повеќе ќе нема смисла политичко дејствување, без да појаснат дали тоа значи радикализација и дестабилизација на државата.
Вреди: Заканите на Ахмети се само начин да го избегне поразот . Ахмети од Липково повика Албанците да се мобилизираат за Законот за јазиците.
– Доколку се чепне Законот за јазиците, нема локални избори и не може да се постават кутии за одржување на локалните избори ако се чепка Законот за јазиците. Законот за јазиците не е закон на ДУИ, туку е закон и на сите оние кои ќе се родат додека има изгрејсонце. Затоа, секој Албанец треба да се бори за Законот за јазиците и да не го политизира и проблематизира – изјави Ахмети.
Тој рече дека е подготвен да се сретне и разговара со сите партии на Албанците и е дециден дека ќе нема „пазарење со албанското прашање“. За владејачката Вреди, заканите на Ахмети се само начин да го избегне поразот, да ги бојкотира изборите и да провоцира тензии на денот на гласањето. Според Вреди, автор на заканите е Артан Груби.
– Ова е нивната последна карта, бидејќи знаат дека Албанците веќе не им веруваат. Самиот Али Ахмети призна од Липково дека ДУИ подготвува бојкот на локалните избори. Што покажува ова? Дека ДУИ нема ниту идеи, ниту програма, ниту нови луѓе, туку само страв од уцени. Оваа партија, која две децении ги држеше Албанците како заложници со лаги и политички манипулации, денес е заробена од една врхушка потопена во корупција и паника. Сега не одлучуваат повеќе ниту нивното членство, ниту гласачите. ДУИ се командува со далечинско од бегалецот Артан Груби. Тие што некогаш се фалеа дека не се плашат ниту од бомбите од 2001 година, денес се сведени на тоа да им се тресат колената од политичките бомби на Артан Груби. Дали Груби е авторот на сценариото за бојкот на локалните избори? Со што Артан Груби го држи ова раководство на ДУИ во заложништво? Албанците треба да ја знаат вистината! Времето на ДУИ заврши, никој нема да ги спаси од казната на народот – велат од Вреди.
Лидерот на ДУИ со порака за јазикот се огласи и од партискиот собир во Чаир.
– Ние, без двоумење, ќе продолжиме да ги браниме остварените права, албанскиот јазик и ќе се бориме против секој обид за поткопување на правата добиени со крв. И, како што знаеме, крвта ниту се суши ниту мие – рече Ахмети.
Стража за јазикот
ДУИ и претставници на Европскиот фронт, пред и на денот кога Уставен суд требаше да расправа за иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците, кампуваше пред Судот и држеа „стража за јазикот“. Тогаш порачаа дека „ова е одлучувачки момент за иднината на нашата мултиетничка и демократска држава“. Според ДУИ, укинувањето на Законот ќе значи „уривање на еден од клучните столбови на Охридскиот договор, а владејачката коалиција без легимитет наместо да се работи за заедничка иднина, разденува и напаѓа.“
– Посакувам и се молам до небото луѓето во Уставниот суд да не ја донесат најпогрешната и најлоша моноетничка одлука, бидејќи не е добра за здравјето на демократијата и соживотот ниту, пак, помага за стабилни меѓуетнички односи. Меѓуетничките односи се клучот за стабилноста, тие се вистинската иднина на државата. Затоа сите политички партии, без разлика на која заедница припаѓаат, имаат одговорност да апелираат дека едностраните одлуки, одлуките кои биле донесени пред 23 години, не треба да се прекршуваат и загрозуваат – порача од пред Уставниот суд Ахмети во декември лани.
Одлуката на Уставниот суд да се одржи подготвителна седница за Законот за јазиците тогаш ДУИ ја дочека со негодување и најави дека повторно ќе „стражарат за јазикот“ кога ќе се одржи подготвителната седница. Според ДУИ, одлуката за подготвителна седница смета дека е продолжување на процесот за укинување на Законот за употреба на јазиците.
– Единствената праведна одлука која што требаше Уставниот суд да ја донесе е да ги отфрли сите иницијативи и да се затвори ова прашање. Закажувањето на подготвителни седници е само продолжување на процесот на укинување на Законот за јазици – рече тогаш Бујар Османи.