На прашањето дали за локалните избори има некаков договор со лидерот на Алијанса за Албанците и актуелен министер за здравство Арбен Таравари, Ахмети рече дека во текот на неделава ќе бидат повикани сите органи на партијата и ќе бидат разгледани сите прашања
ДУИ и „Европски фронт“ сè уште не донеле одлука како ќе настапуваат на локалните избори што треба да се одржат во октомври годинава, изјави денеска првиот интегративец Али Ахмети, додавајќи дека ќе бидат повикани сите партии од коалицијата, при што ќе се разгледа целата ситуација. На прашањето дали за локалните избори има некаков договор со лидерот на Алијанса за Албанците и актуелен министер за здравство Арбен Таравари, Ахмети рече дека во текот на неделава ќе бидат повикани сите органи на партијата и ќе бидат разгледани сите прашања.
„Сè уште нема финални разговори. ДУИ сè уште не ги повикала раководните тела на партијата. Во текот на неделава ќе бидат повикани највисоките партиски тела, ќе бидат разгледани сите ситуации. Секако, го цениме смелиот чекор на Таравари, бидејќи тој многу порано сфати дека оваа влада не е ништо повеќе од антиалбанска влада“, нагласи Ахмети при неговата посета на скопското село Свиларе.Лидерот на ДУИ рече дека ја цени одлуката на Таравари да се одвои од ВЛЕН. „Сè уште не е изградена никаква стратегија. Господинот Таравари ми се чини дека рече – јас не сум роден во влада, и во моментот кога ќе стане неприфатливo, може да си замине. Но, ова се прашања на господинот Таравари, тоа не се прашања на ДУИ, ниту на ‘Европскиот фронт’, тоа се внатрешни прашања што господинот Таравари треба да ги менаџира“ изјави Ахмети.