Лидерот на ДУИ Али Ахмети, синоќа на собир во Арачиново, му се обрати на премиерот Христијан Мицкоски прашувајќи го зошто го менува Законот за употреба на јазиците, зошто го менува Охридскиот рамковен договор и зошто го загрозува мирот, стабилноста и безбедноста на државата, информираат од партијата. Како што истакнал Ахмети, Албанците имаат право да ја водат државата бидејќи се нераскинлив дел од неа.
-Ние не ја носиме државата со себе, ние имаме право да ја водиме, тоа ни припаѓа! Албанците се над 30 отсто, живеат континуирано на своите огништа и се нераскинлив дел од државноста – изјавил Ахмети. Говорејќи за обидите за поделба меѓу Албанците и нивно заменување со т.н. „чесни Албанци“, Ахмети предупредил на враќање на опасни идеологии.
-Знаете ли кој ја користеше филозофијата за чесните Албанци? Милошевиќ! А секој што денес ја промовира таа идеја, ја оживува логиката која Албанците ја поразија – нагласи тој. Ахмети потенцирал дека Албанците нема да дозволат повторно да бидат „слуги во сопствениот дом.
-Не држеа потиснати, исплашени, протерани, но тоа заврши. Денес Албанците имаат три универзитети и илјадници професионални кадри. Ниту една сила не може да ја сопре оваа реалност – порача Ахмети. На крајот од својот говор тој повикал на мир, обединета Европа и слободно движење.
-Ние не бараме Голема Албанија, ниту Голема Србија, ниту Голема Бугарија, туку Голема Европа без граници, како што направија Германија и Франција. Западен Балкан обединет во Брисел, во мир и конечно помирување – рече Ахмети.