За чиј интерес? Секако не на македонскиот народ. Подведувањето на односот на партиите-потписнички на Рамковниот договор како однос кон ДУИ е повеќе од смислена саботажа на Рамковниот договор. Тоа е саботажа на Северна Македонија, но особено на македонскиот народ. Звучи нереално? Да одиме со ред. „Неправедноста” на францускиот предлог“ и на Преспанскиот договор се редовен емотивен речник на ВМРО-ДПМНЕ од самото нивно усвојување во Собранието. Исто како што реториката на одбивност кон Рамковниот договор беше темелена на емотивен однос.
Со промената на државната политика – од спроведување преземени обврски (според јасен патоказ) во „барање креативни решенија“ за промена на Преговарачката рамка – Мицкоски (и Силјановска-Давкова) влегоа во свесно во саботирање и на евро-интегративниот процес целејќи на обесмислување на самиот Договор за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија. Ова е составен дел од истата целина, заедно со фактичкото дезавуирање на Преспанскиот договор при давањето заклетва на Силјановска-Давкова. И за среќа – беше прочитана и од Атина и од Софија и од – Брисел. Така Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги запре евро-интеграциите. Но обидот за обесмислување на договорите со Атина и Софија има(ше) подлабока цел од обично торпедирање на НАТО-интеграцијата тогаш или на Преговарачката рамка сега. ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициони партнери всушност покажаа дека основна мета на атак е Рамковниот договор.
Бидејќи Рамковниот е основниот документ кој всушност ја стабилизираше државата и ја врати можноста на просперитет на нацијата во која граѓанската еднаквост и почитувањето на стекнатите права е гаранција за немакедонските заедници – и особено гаранција за – македонскиот народ: на самостојност, посебност, модерност и државотворност. И врз основа на таа стабилизација, станавме членка на НАТО и одиме кон ЕУ, колку тоа и да не им е во интерес на традиционалните партии на Македонците. Прифаќајќи да и даде време и разбирање на владата на ВМРО-ДПМНЕ за „креативни решенија“, СДСМ се дистанцираше од договорите и решенијата утврдени од неговата влада и тогашното парламентарно мнозинство. Со тоа фактички се откажа од евро-интеграциите. А од моментот кога СДСМ го прифати и односот на ВМРО-ДПМНЕ кон ДУИ како однос кон Албанците и Рамковниот договор, стана јасно: “SDSM goes full VMRO-DPMNE”.
Оваа “операција” беше единствениот начин ФИРОМ-ската финансиско-безбедњачка елита да и се спротивстави на европската и евроатланската економија и држава Северна Македонија. И, со тоа, на македонскиот народ. Затоа денес е небитно дали раководството на СДСМ е на „Бихаќка“ или ќе се смести во некој дел од катовите на Белата палата, а „лидерската“ ќе си ја одржат во бифето на приземје. Останува уште само да се види дали ДУИ ќе избере да се задоволи да ги валоризира нападите врз неа во гласови (при несуштинска претставеност на Албанците во Владата или ќе се валоризира низ суштински капацитет и во етничка и во национална корист. Истиот предизвик важи и за новите политички групации кај Македонците, но и другите заедници. Новата република, „рамковната“ ни е на располагање веќе 24 години, токму поради и низ Рамковниот договор.
Таа република на нацијата на Северна Македонија во која институциите се за граѓанинот и како поединец и како дел од етнос – е длабоко спротивставена на „дејтонската“ биетничка и поделена територија „до и од Групчин“. Затоа што поделбата по оваа линија има за цел продолжување на окупацијата на „нишко Скопје“ над Полог, Повардарието, Малешевијата, Пелагонија и Овчеполието. По трагедијата во Кочани и здружениот обид на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да се „задуши“ темата – ова е јасно. Жално е што загубивме 63 млади животи за како народ да се соочиме со погубноста на партиите на Скопје од Третата армиска област.
Затоа дразбите на овие партии и нивните медиуми веќе не допираат до Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите… Бугарите, Египќанците, Црногорците, Словенците, Хрватите… во Северна Македонија. За Атина, Софија, Брисел… и да не зборуваме. Северна Македонија не е тема никаде вон потегот Табановце-Богородица-Ќафасан-Деве Баир. И е тема само за нас, Македонците. Не за тоа што сакаме да не добијат другите – туку што сакаме ние. И сите останати ќе се држат на дистанца од нас се додека не се „помириме“ со себе дека сме европски народ и дел од европска нација, заедно со сите други дома.