Под наслов „Билатералниот неуспех“ на Марта Кос – заменување на европската позиција во служба на странски интереси, бугарскиот медиум БГНЕС ја нападна еврокомесарката за проширување дека и таа, како Томас Вајц, зборува со реториката на Македонија место со европска. Причина се последните изјави на Марта Кос, а претходно и на Каја Калас, во кои оставија простор Бугарија и македонија повторно да седнат на маса и да најдат решение за блокадата. Со темпото со кое почнаа да ги таргетираат еврофункционерите, кругови во Бугарија се на пат да се скараат со цел Брисел, што може да биде само контрапродуктивно за нивната држава. Она што е најсмешно е дека тие ја обвинуваат Кос за „билатерализација“ на спорот кој според нивната најнова реторика е „европски“, а не меѓу двете држави , иако европско е решението а не поводот за ветото што го наметна Софија во Брисел, како да цела ЕУ има проблем со историјата и идентитетот на Македонија а не само Бугарија.
Имено, според БГНЕС , еврокомесарката Кос „целосно и некритички ги повторува антиевропските наративи на политичката елита во Скопјe, што ја става во подредена положба дури и пред третокласни лидери како Христијан Мицкоски“.
-Скандалозното однесување на европската комесарка за проширување Марта Кос во последните месеци ги оживеа долгогодишните сомнежи за нејзините врски со југословенската државна безбедност – УДБА. Прашањата што се вртат околу нејзината личност повторно излегуваат на виделина откако таа покажа целосна неспособност – или можеби неподготвеност – да го брани паневропскиот интерес во Западен Балкан.
Покрај тоа – Кос целосно и некритички ги повторува антиевропските наративи на политичката елита во Скопјe, што ја става во подредена положба дури и пред третокласни лидери како Христијан Мицкоски. Во врска со Северна Македонија, еврокомесарката не само што не го бранеше европскиот консензус од 2022 година, туку директно ја усвои реториката на скопските политичари за таканаречената „билатерализација“ или „билатерален проблем“ со Бугарија – неприфатлива позиција за европски комесар, што е директно кршење на интересите што треба да ги штити.Дополнителен удар врз нејзиниот авторитет беше исмејувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој ја нарече „папагал“. Од неговите зборови стана јасно дека Кос зборува едно во Брисел, а сосема друго – меко и без карактер – во Белград, кога двајцата се среќаваат лице в лице. Поранешната десна рака на диктаторот Милошевиќ задоволно ги трие рацете, набљудувајќи што се случува јужно од Србија, пишува БГНЕС.
Повод за реакцијата е што пред одложеното гласање за извештајот за Северна Македонија, подготвен од известувачот Томас Вајц, во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент Марта Кос порача дека ЕК бара начини за поедноставување на процедурите во процесот на пристапување кон блокот, тврдејќи дека „билатералните спорови“ би можеле да влијаат на процесот. Таа дури си зеде слобода да ги понуди своите услуги во „дијалог“ меѓу Скопје и Софија.
-Ова не е билатерален спор, туку за заклучоците на Советот на ЕУ за 2022 година и Преговорната рамка, одговори европратеникот Андреј Ковачев (ГЕРБ/ЕПП), нагласувајќи дека властите во Скопје го трошат драгоценото време на своите граѓани со тоа што одбиваат да ги исполнат своите обврски.
-Вие многу добро знаете дека ова не е билатерален спор, додаде тој, обраќајќи се кон Кос.
Европатеникот Ивајло Валчев (ИТН) изрази збунетост околу тоа како премиерот Мицкоски дознал и коментирал за амандманот на извештајот за напредокот на Скопје, предложен писмено од него, уште следниот ден, иако тие амандмани не се доверливи документи и се достапни на нашите дипломати во Брисел, па и Скопје. Во недостиг на аргументи медиумот се наврати на познатите обвинувања од Словенија кон Кос, кои беа дел од тамошните политички препукувања.
-Уште во септември минатата година, голем број европски медиуми се сомневаа во квалификациите на Кос за таа позиција. Вознемирувачки податоци за нејзиното минато открија нејзините сонародници – политичари од Словенија, земјата со најголем број агенти на УДБА по глава на жител во историјата. „Еуроњуз“ во тоа време откри дека многу европратеници, благо речено, биле загрижени за можноста вработен во тајната полиција да држи толку клучна позиција.Во меѓувреме, „Политико“ следеше како Кос систематски ги избегнува прашањата за нејзината можна поврзаност со УДБА. Таа самата тврди дека УДБА била распуштена во 1966 година, иако историските извори укажуваат дека тогаш едноставно била преименувана, но продолжила да функционира со не помалку бруталност. Да не заборавиме дека по распадот на Југославија, остатоците од УДБА станале клучен инструмент на српскиот хегемонизам, оставајќи длабок белег врз политичкиот живот во Србија, Северна Македонија и целиот регион на Западен Балкан дури и во новиот век, пишува БГНЕС, во ситуација кога бугарските новинари во Брисел со гордост кажуваат дека работеле за нивните безбедносни служби во минатото. (nezavisen.mk)