Платите растат, ја стабилизиравме фискалната состојба, целосно е отплатена еврообврзницата издадена во 2018 година, а првпат по 7 години, јавниот долг е намален, вели Валентин Манасиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Измина една година од формирањето на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во која наш главен фокус и приоритет беше економијата, која се базира на факти, долгорочни политики и јасна визија за иднината, рече денеска Валентин Манасиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција во партиското седиште.
– Кога ја презедовме одговорноста, наследивме економија во пад, со висока инфлација, зголемен јавен долг и демотивирана деловна заедница. Денес, состојбата е поинаква. Економијата почна да заздравува и да се стабилизира. Инфлацијата е ставена под контрола изнесува околу 3%. Обезбедивме финансиска поддршка од 500 милиони евра – 250 милиони евра за домашните компании и 250 милиони евра за општините, за реализација на капитални проекти и за подобрување на животниот стандард на граѓаните – рече Манасиевски.Во првиот квартал од оваа година, додаде тој, БДП порасна за 3,2%.
– Според овие податоци, Македонија се наоѓа на 4-то место во Европа според растот на БДП, веднаш зад Ирска, Данска и Полска – додаде Манасиевски.Исто така, додаде тој, оваа година забележавме рекордно ниво на странски директни инвестиции, 1 милијарда и 255 милиони евра.
– Платите растат. Забележливо е зголемување на платите во јавната администрација, здравството, образованието, културата и полицијата. Ја стабилизиравме и фискалната состојба. Целосно е отплатена еврообврзницата издадена во 2018 година во вредност од 500 милиони евра. Првпат по 7 години, јавниот долг е намален. Истовремено, буџетскиот дефицит е намален за 4% од БДП. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на создавање на силна, стабилна и конкурентна економија. Продолжуваме со мерки и проекти што носат резултати, развој и подобар живот за сите граѓани – рече Манасиевски.