Викендов и официјално е декласирана позицијата на Скопје „чекаме нова политичка Влада во Софија за да преговараме“, со тоа што и Брисел и Софија порачаа дека „останува принципот на оценка на индивидуалните постигнувања на секоја од земјите-кандидати“, па за Скопје нема ниту помалку ниту нови услови или Преговарачка рамка. (Медиумите и „експертите“ на) ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, но и (на) СДСМ во изминатиот период беа свесни за ова. Сега и сите граѓани. Но, да бидеме искрени: Проблемот на политичко Скопје не е ниту Софија ниту Брисел, туку фактот што продолжнувањето на преговорите веднаш не носи на фамозното поглавје 24: Владеење на правото и борба со корупцијата. Поконкретно, проблемот за домашните тајкуни со југо-советско потекло и српско-руска подлога настанува со потребата од докажување на потеклото на нелегалниот имот по секоја донесена судска пресуда за корупција или злоупотреба на службената должност – и негова проширена конфискација (и во РСМ но и ширум ЕУ) вон износот чие потекло можат да го докажат.
Проблемот за партиите секако ќе се јавува кога ова ќе им го допре и нивниот имот? Или (и) на нивните лидерства?
Особено што од почетокот на преговорите по поглавјето 24 па натаму, истрагите ќе се познати не само за домашните, туку по потреба и за европските правосудни органи и институции, особено кога ги надминуваат националните граници. А такви, гледаме, веќе се одвиваат ширум регионот и нема да ја одминат ниту земјава. Ова го објаснува и отпорот на нашите „експерти“, медиуми и партии, односно нивните тајкунски сопственици против Преговарачката рамка и методологијата за проширување што ЕУ ја утврди по предлог на Франција. А кога „Рамката“ е непромелива, принудени се да одат на што подолго одлагање и потемелно минирање на преговорите, оти со поглавјето 24 и реформите и процесите што се спроведуваат се под мониторинг кој го кине и „Сваровски“ и „трас-трас“ (право)судството.
Затоа, сега се формира „работна група“ за измените на Кривичниот законик со кој ќе се вратат старите казни за злоупотреба на службената позиција, но не се регулира проширената конфискација. Од истиот „академски“ кадровски басен кој од 1987 ги води правосудните ресори и реформи де во СФРЈ де во БЈРМ.
Надолниот тренд на Вучиќ нужно ги „впрегнува“ структурите во Скопје контролирани и координирани од Белград за производство на правна рамка што Северна Македонија ќе ја остави порозна за движење и употреба на спорен капитал како што се затвора просторот за влијание на Москва во Северна Македонија, Црна Гора и БиХ низ НИС и Лукоил. Сето ова илустрира договор во четириаголникот Груевски/Мицкоски/Заев/Филипче со странични антени кон Ахмети и Меџити.
Добар начин да го демантираат ова е – да се усвои новиот Кривичен законик кој и онака веќе е подготвен во консултации со Брисел и во него да се применат европските решенија за проширена конфискација. А најдобар начин е и да се усвои новиот Кривичен законик и да се дополни Преамбулата, по што повторно сме во преговарачки пакет со Албанија (и Црна Гора) и не зависиме од напредокот на Србија. Потоа веднаш ќе видиме како “Магницки” делува и кај нас и како:
а) брзо ќе се санкционираат сите досегашни и идни „американски црнолисташи“ – од Груби до Анѓушев и од Мерко до Рашковски, неселективно. б) „профилите“ од типот на Дака ќе ја заобиколуваат Северна Македонија во широк лак; в) инвестициите ќе станат реални, опипливи и продуктивни и не само субвенционирани од националниот буџет, и г) Собранието ќе го дополни законот за примена на рестриктивните мерки. Се останато – ќе произведе дестабилизација како единствен излез на тајкунеријата и нејзините партии метастазирани во институциите.