Денеска пак, се очекуваат демонстрации низ целата земја, а во фокусот ќе биде отпорот кон големите кампањи за депортации на Трамп, пренесува „Дојче веле“. Повод за незадоволство е и големата воена парада со која ќе се одбележат 250 години постоење на американската војска, која се одржува на роденденот на претседателот Доналд Трамп.
Зад протестите стои група која се нарекува „Без кралеви“. Нивното мото е дека во САД не сакаат „тронови, круни и кралеви“. Демонстрации треба да има во секоја од 50-те сојузни американски држави, вклучително и најоддалечената Алјаска и островската држава Хаваи. Според организаторите, треба да се одржат речиси 2 илјади протести.
Што се протестите „Без кралеви“?
Протестите повторно добија на актуелност со распоредувањето на војската од страна на Трамп против демонстрантите во Лос Анџелес. Но, движењето „Без кралеви“ е генерално насочено против политиките на владата на Трамп.„Тие им се спротивставуваат на нашите судови, депортираат Американци, апсат луѓе на улица, ги напаѓаат нашите граѓански права и ги укинуваат нашите програми за помош“, се наведува на веб-страницата „Без кралеви“. Зад движењето стои иницијативата 50501. Името значи – 50 сојузни држави, 50 протести и едно движење.
Поддржувачите на Трамп го доживуваат како силен претседател кој воведува ред во САД, на пример со тоа што ја прави земјата поефикасна со укинувањето на владини организации или со тоа што постапува против непожелни доселеници. Противници на американскиот претседател, како организаторите од „Без кралеви“, го сметаат неговото заобиколување на судовите и Конгресот за закана за темелите на демократијата во САД.Тоа што протестите „Без кралеви“ се одржуваат токму во сабота, не е коинциденција. Тие треба да бидат противтежа на големата воена парада што Трамп ја организира во главниот град на САД истиот ден.