Белата куќа денеска му се заблагодари на милијардерот Илон Маск „за неговата служба“, откако тој претходно објави дека го завршува својот ангажман во администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Левит, рече дека Белата куќа му е благодарна на Маск што ја започна иницијативата наречена DOGE — Оддел за владина ефикасност, пренесоа американските медиуми. Таа додаде дека напорите за намалување на трошењето, измамите и злоупотребите во владата ќе продолжат и во иднина.
„Му благодариме за неговата работа и придонесот за подобрување на владиниот систем,“ рече Левит, додавајќи дека не сака да коментира дополнително за заминувањето на Маск. Маск претходно потврди дека ја завршува својата улога како специјален владин службеник по четири месеци, како дел од експериментот за намалување на трошоците во федералната влада. „Би сакал да му се заблагодарам на претседателот Доналд Трамп што ми даде можност да помогнам во намалувањето на непотребните трошоци,“ напиша Маск на својата платформа за социјални медиуми „Икс“. Тој најави дека мисијата „ДОГЕ“ ќе продолжи да се развива и ќе стане „начин на живот“ во владиниот сектор.
Според Белата куќа, членовите на администрацијата на Трамп ќе продолжат да соработуваат со вработените во DOGE кои се приклучиле на различни федерални агенции, со цел да ги унапредат овие напори.
„Министрите тесно соработуваа со Маск и ќе продолжат да ја поддржуваат работата на ДОГЕ во сите агенции каде што се активни,“ додаде Левит.