Потпретседателката на Собранието на Република Северна Македонија, Весна Бендевска, оствари средба со заменик-министерот за надворешни работи на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина, Чен Џоу, кој е во посета на земјава. На средбата присуствуваа и пратеничката Даниела Белимова и заменикот генерален секретар на Собранието, Бојан Стојаноски, при што беа разменети мислења за односите меѓу двете земји, за досегашната соработка на повеќе полиња и за можностите за нејзино продлабочување. Заменик-министерот Џоу се согласи со оценката на потпретседателката Бендевска дека односите меѓу Република Северна Македонија и Народна Република Кина се базирани на два принципи: меѓусебна почит и заемна поддршка, уште од почетоците на независноста на нашата земја.
Потпретседателката Бендевска ги истакна стратешките определби на нашата држава, како полноправна членка на НАТО и претендент за членство во ЕУ. Во однос на билатералните односи, Бендевска посочи дека, иако остваруваме успешна соработка во многу области, како образованието, туризмот, здравството и културата, постојат можности за повисоки форми на економска соработка, односно за интензивирање и збогатување на размената меѓу двете држави. Акцент беше ставен и на можностите за интензивирање на парламентарната соработка, меѓу другото и преку размена на искуства на одредени целни групи, како млади, жени, граѓански-организации или медиуми. Во тој контекст, заменикот генерален секретар Стојаноски ги истакна капацитетите на службата на Собранието на РСМ, посочувајќи дека е добредојдена размена на мислења и знаења, особено во насока на исполнување на стратешките правци на законодавниот дом.