Германскиот министер за одбрана Борис Писториус ја критикуваше американската влада поради, како што рече, нејзините прерани отстапки кон Русија уште пред да започнат евентуалните мировни преговори за Украина, пренесе „Гардијан“. Критиката дојде откако американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет вчера на состанокот на НАТО во Брисел изјави дека „враќањето на Украина во границите пред 2014 година не е реалистично“ и дека Киев треба да се откаже од членството во НАТО, кое е „нереално“. Тој, исто така, нагласи дека американски војници нема да бидат дел од евентуални мировни сили на украинска територија.
Писториус оцени дека ваквите изјави се штетни.– Според мое мислење, подобро би било прашањата за украинското членство во НАТО или можните територијални загуби да бидат дискутирани единствено на преговарачката маса, наместо да се изнесуваат однапред, изјави германскиот министер во Брисел. Тој нагласи и дека Европа мора да биде активен учесник во какви било идни преговори, бидејќи во спротивно ќе биде исклучена од обликувањето на новиот безбедносен поредок.