Германија ќе продолжи да ја поддржува Украина „колку што е потребно“, изјави вечерва канцеларот Олаф Шолц, кој утре треба да се повлече од функцијата.За време на неговиот последен телефонски разговор како премиер со украинскиот претседател Володимир Зеленски, социјалдемократскиот лидер ја потврди „постојаната и непоколеблива солидарност на Германија со Украина“, изјави портпаролот на Шолц, Штефен Хебестрејт. Шолц нагласи дека „Германија ќе продолжи да ја поддржува Украина во тесна координација со нејзините европски и меѓународни партнери, и онолку долго колку што е потребно“.
Неговиот мандат мина речиси целосно во светлото на руската агресија во Украина, откако тој ја презеде функцијата канцелар на Германија. Германија, по САД, е вториот најголем снабдувач на воена помош за Киев од самиот почеток на руската инвазија на Украина. Сепак, и покрај постојаните барања на Зеленски, Шолц постојано одбиваше да испорача германски крстосувачки ракети со долг дострел Таурус на Киев, објаснувајќи дека сака да избегне влошување на односите со Москва. Претставувајќи се како жесток поддржувач на Киев, идниот канцелар Фридрих Мерц зазеде поинаков став, велејќи дека под одредени услови е подготвен да ги испорача овие проектили.