„Европските сојузници тогаш би останале сами на Балканот против пријателот на Путин, Александар Вучиќ и неговата моќна српска војска“, се наведува во написот на германскиот весник. Германскиот весник „Билд“ пишува дека во голем дел од Европа постои загриженост за американско-руските преговори и можно е американската војска да се повлече од Косово. Според анонимни извори на „Билд“, Италија се подготвува за можно повлекување на војската на САД од Косово. „Европските сојузници тогаш би останале сами на Балканот против пријателот на Путин, Александар Вучиќ и неговата моќна српска војска“, се наведува во написот на германскиот весник. Покрај тоа, „Билд“ пишува дека западните безбедносни служби и политичари стравуваат оти американско-руските преговори би можеле да доведат до повлекување на американските војници од голем дел од Европа.
Анонимен безбедносен извор од Источна Европа за „Билд“ изјавил: „Според информациите кои ги имаме, станува збор за барањата на Путин од 2021 година, т.е. повлекување на американските трупи од сите земји-членки на НАТО кои се приклучија на Северноатлантската алијанса по 1990 година“. Најлошото можно сценарио од кое експертите најмногу стравуваат е руска инвазија на поранешните советски републики Естонија, Летонија и Литванија, како и сеопфатна војна со Полска. Поранешниот министер за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис напиша на социјалната мрежа Х: „Лавров бараше НАТО да се врати во рамките од 1997 година и да се повлече од сите земји освен од Источна Германија во интерес на стабилноста на Европа. Па зошто Путин не би го побарал истото во Ријад?“. Според информациите на „Билд“, во моментов Русија и САД не преговараат единствено за американските бази во Рамштајн, Германија и воздухопловната база во Велика Британија. „Останатиот дел од Европа мора да се подготви за значителни промени ако Трамп и Путин постигнат договор“, се вели во написот на германскиот весник. Косовскиот портал „Косова прес“ објави изјава од американски претставник на НАТО во која тој вели оти „американските власти јасно дадоа до знаење дека остануваат посветени на Северноатлантската алијанса, вклучително и американското присуство во Европа, и дека одлучноста и одбраната на НАТО мора да останат силни“.
Во писмениот одговор до косовскиот портал било наведено дека САД, исто така, јасно го истакнаа своето очекување од сојузниците од НАТО да направат повеќе, да инвестираат повеќе во заедничката безбедност. „НАТО постојано се прилагодува на променливата средина. Ова е дел од она што е потребно за да останеме подготвени. Нашата посветеност за стабилност на целиот Западен Балкан е непоколеблива. КФОР продолжува да го спроведува својот мандат, врз основа на Резолуцијата 1244, да придонесува за безбедна средина за сите луѓе и заедници кои живеат на Косово и нивната слобода на движење, во секое време и на непристрасен начин, и во тесна координација со косовската полиција и Мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово, во нивните соодветни улоги како заштитници на безбедноста. Соединетите Држави продолжуваат да играат фундаментална улога во КФОР, преку својот долгогодишен придонес, кој во моментов изнесува над 600 војници“, вели претставникот на НАТО за „Косова прес“. Американската база Бондстил се наоѓа во близина на градот Урошевац (Ферижај) во источниот дел на Косово. Бондстил е најголемата и најскапата воена база изградена од САД во Европа по Виетнамската војна. Таму се стационирани повеќе илјади војници и цивили кои се дел од мировните сили на НАТО на Косово (КФОР), кои покрај САД вклучуваат и европски земји. Во рамки на силите на КФОР на Косово има и стотина македонски војници. Косово прогласи независност во 2008 година, а Македонија го има признаено како независна држава. Извор: Новинска агенција МЕТА