Претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимовски, вечерва во „Отворено“ на телевизијата „24“ рече дека јавните комунални претпријатија со години имаат хронични проблеми и дека е потребен „концепт кој ќе доведе до системски промени со цел претпријатијата да немаат долгови и кризи“. Тој рече и дека директорите на претпријатијата треба да се дистанцираат од политиката.
„Ние сме спремни да одредуваме цена за сите претпријатија. Овие претпријатија имаат проблем наназад со години. Пред да дојде Регулаторната комисија за енергетика, имало ситуација претпријатијата да работат со одлуки од 90-те, и сите тие работи се ставале под тепих, општините имале пари и им покривале. Долгови. Треба да кажеме дека овој концепт не нè води никаде. Фактот дека имаме 64 посто загуби на вода е проблем. Македонија е богата со вода за пиење. Се доведуваме во ситуација каде може да го изгубиме и она што го имаме. Пак може да им се покријат загубите, и да се растоварат, но ако не го смениме концептот и системот, за пет години пак ќе дојдеме во иста ситуација“, рече Бислимовски.
Тој рече и дека потребно е директорите на претпријатијата да работат по економски, а не по политички принципи.
„Треба да им се даде можност на директорите и менаџерите да работат по економски принципи и да се тргнат од политика. Треба да се растоварат малку. РКЕ е подготвена да ги растовари во поглед на цените. Со нормални цени, ќе знаат како да направат оптимизација. Ако се намалат загубите на вода, ќе се намали и цената. Имаме загуби и до 75%. Треба да работат рентабилно. Дали едно претпријатие е државно или приватно, е исто. Не сме пробале да ги оставиме ЈКП да работат во рамките на своите општини без да ги малтретираат. Да ги остават да работат и да видиме каков резултат ќе има“, додаде Бислимовски.