Ако имаме зголемување на јавниот долг од 7%, а раст на БДП од 3,2%, разликата е 3,8%. Мултиплицирано во секоја година, за десет години тоа е 38% зголемување, предупреди пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи, во гостување на МРТ 1 во емисијата „360 степени“, укажувајќи на фискалните ризици што ги носи неконтролираното задолжување коешто го прави власта.
Според него, иако министерката за финансии тврди дека Владата е внимателна, бројките говорат поинаку а посочи и извори на скриени долгови. „Може да каже дека јавниот долг го намалив за 36 милиони евра, но ако ги занемарам 700 милиони евра доспеани, а неподмирени обврски, тогаш вистинската слика е сосема поинаква, нема намалување“ рече Битиќи.
Тој ги посочи и изворите на овие скриени долгови, како што е долгот на општинските јавни претпријатија, како што рече, доминантно управувани од ВМРО-ДПМНЕ, изнесува 11,5 милијарди денари или 200 милиони евра. Дополнително, јавните здравствени установи должат 4,6 милијарди, а самите општини 3,8 милијарди денари.„Овие долгови не сме им ги оставиле ние – нивните градоначалници им ги оставиле,“ истакна Битиќи.Според него, Владата има обврска веднаш да каже како ќе се справи со оваа состојба, наместо да се повикува на селективни бројки и политичка реторика.„Кога ќе ги додадеме сите обврски, доспеани, одложени, како и оние по основ на ДДВ, можеби јавниот долг веќе сега е 8 до 9 процентни поени повисок од она што официјално се прикажува,“ заклучи Битиќи.