Доколку ги тргнеме слоевите на сложениот правен вокабулар и бирократскиот јазик на измените и дополнувањата на Законот за технолошки индустриски развојни зони, останува едноставна реалност – ова е „пожарна мерка“ за негативните трендови кои ја погодуваат индустријата и странските инвестиции, со хартија ќе се гаси пожар“, рече пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи во дискусија по однос на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони. Битиќи посочи дека овие измени и дополнувања не со случуваат во вакуум, туку во момент кога голема странска компанија најави напуштање на една од зоните, а неколку други најавија намалување на бројот на вработени. „Очигледно власта не знае и нема механизам како да одговори на овој предизвик. Затоа пред нас се измени и дополнувања со кои празниот простор во зоните ќе се пополнува со компании што се најблиску до нив. Не може да зборуваме за спроведување на политика што води кон економски раст, може да зборуваме само за административно решение наменето за привидно одржување на нивото на инвестициите зоните“, рече Битиќи и потсети дека бројот на вработените во индустријата во декември 2024 година е намален за 4,7% во споредба со истиот месец претходната година. Истовремено, индустриското производство е во пад од 1,4%, а извозот, кој во најголем дел се должи на странските компании во зоните, се намалил за речиси 88 милиони евра во декември споредено со месец претходно.
Според него, ова не се мали флуктуации – ова се алармантни показатели дека активностите во зоните се намалуваат, дека странските инвеститори го губат интересот и дека Владата нема одговор на кризата што веќе е во полн замав. „Во обид да се прикаже привиден раст на активноста во индустриските зони, предлагачите на овој закон воведуваат можност за „релокација во зона“, што е механизам за пополнување на испразнет простор. Наместо привлекување нов капитал и одржливи инвестиции, компаниите што се наоѓаат до 50 километри оддалечени од ТИРЗ ќе можат да се преселат во зоните“, рече Битиќи, притоа дополнувајќи дека ограничувањето на растојанието од 50 километри како критериум за релокација е целосно произволно и во отсуство на економска логика. Битиќи нагласи дека нема студија, нема анализа, нема објаснување зошто токму 50 километри се сметаат за оптимална граница, притоа прашувајќи дали ова значи дека компанија што е на 51 километар не може да се пресели, но онаа што е на 49 километри може? Или пак дали ова растојание е утврдено врз основа на нечии политички интереси? „Имаме нелогичност која зборува за тоа дека оваа решение е арбитрарно и изнудено“, рече Битиќи.