Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на денешниот брифинг со новинарите рече дека скопската когенеративна централа ТЕ-ТО ќе биде исклучена во иднина со доаѓањето на грчкиот инвеститор Митилинеос.
– Централата ТЕ-ТО ќе ја исклучиме затоа што е руска инвестиција. Наскоро ќе започне изградбата на гасоводот со Грција и ние повеќе нема да бидеме зависни од нив, рече Битиќи.
Вицепремиерот рече дека со Законот за стратешка инвестиција на гасната централа Митилинеос ќе му бидат дадени 50 милиони евра државна помош за 5 години.На Митилинеос ќе му биде дадено големо пространство државно земјиште во комплексот Железара во Гази Баба за релативно мала сума, а дополнително државата ќе ја направи и пристапната инфраструктура.
Митилинеос ќе треба да ја изгради централата за пет години и се очекува покрај електрична енергија, да произведува и топлинска енергија која што би била за 40 отсто поевтина.Струјата што би ја продавал Митилинеос на ЕСМ би била само 5 отсто пониска од берзанската.Според Битиќи, ТЕ-ТО треба да се затвори од стратешко безбедносни причини и покрај тоа што оваа компанија на големо помогна со своето работење во енергетската криза.