На првата седница се бара информација за ситуацијата со дивоградбите во општина Чаир и во останатите општини на град Скопје и информација за преземените активности на Град Скопје во врска со дивоградбите, а втората седница е на барање на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, на која се побаруваат исти вакви информации, но за општина Сарај. „Битката“ која во изминатите десетина дена се води помеѓу, од една страна градоначалничката Данела Арсовска, која јавно обелодени и обвини за криминали и незаконска легализација на дивоградби во општина Чаир, и од друга страна, градоначалникот Висар Ганиу, министерот Изет Меџити и премиерот Христијан Мицкоски, денеска очигледно ќе продолжи и во Советот на Град Скопје. Советниците денеска ќе одржат едноподруго две вонредни седници, едната на барање на советниците од СДСМ, а другата на барање од ВМРО-ДПМНЕ.
На првата, која започнува во 14 часот, има две точки на дневниот ред – информација за ситуацијата со дивоградбите во општина Чаир и во останатите општини на град Скопје и информација за преземените активности на Град Скопје во врска со евидентираните дивоградби во општина Чаир и во останатите општини на град Скопје. Втората седница е закажана половина час подоцна на барање на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, на која се побаруваат исти вакви информации, но за општина Сарај. Ние си го искористивме деловничкото право, кога велам ние, мислам на седницата која ние ја баравме, а ВМРО-ДПМНЕ буквално препишува од нас. Ако ги погледнете двете барања за седница ќе видите дека се идентични, дури и една печатна грешка што ја оставив намерно, ја оставиле затоа што не ги бива ни за препишување. Значи, нашата седница ја свикуваме ние согласно член 60 од Деловникот – кога претседателот не ја свикува седницата на барање на советниџците тогаш советниците со 15 потписи имаат право да ја свикаат – вели координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева.
Со оглед на фактот дека досегашниот претседател на Советот, Трајко Славески е именуван за гувернер на Народна банка, сега според Деловникот на Град Скопје со седниците треба да претседава најстариот советник, а доколку тој од кои било причини не прифаќа да претседава, тогаш советниците избираат кого било од членовите. Најстар советник е Халиде Палоши од ДУИ, но таа несериозно исчезна цели два дена. Најпрво им се јавила на службите дека ќе дојде и ќе потпише покана, потоа ја немаше и на никого не му одговараше на телефонски повик. Бидејќи седницата е вонредна, немавме време да ја чекаме Халиде да се мисли или да слуша некој да и каже дали ќе претседава или не. Ако не сакаше да преседава од кои и да било причини требаше само да каже и ние ќе си изберевме претседавач – објаснува Јанчева.
Во пресрет на седниците, на кои се очекуваат жестоки дискусии и расправии. денеска градоначалничката Арсовска повторно, преку Фејсбук, му се обрати на премиерот , поставувајќи му неколку прашања, како што нагласи „како жена, како човек, како градоначалник“. Кој од криминалците на ДУИ ти ги расчисти и затвори во оваа цела година додека си апсолутна власт во Македонија?.На кој од криминалците на ДУИ ти им покрена постапка и ги уапси со докажан криминал за една година додека си премиер, а втора година имаш твој министер за внатрешни работи? Дали си свесен дека Ганиу, Меџити и Адеми се на власт како функционери на ДУИ повеќе од 20 години? Тие 150 дивоградби во Чаир сме ги спречиле незаконски да се легализираат и сме известиле за истото 2023, 2024 и 2025 година, време кога Висар Ганиу прво беше ДУИ, а потоа стана ВЛЕН- вели Арсовска, порачувајќи му на Мицкоски – Ете ти криминалци од ДУИ, постапи!