Високиот претставник Кристијан Шмит укина два закона за ентитетите на 1 јули 2023 година и воведе измени во Кривичниот законик на БиХ, а Додик на 7 јули 2023 година потпиша декрети, објавени во Службен весник на РС, прогласувајќи ги „своите“ закони за валидни, па Обвинителството на БиХ на 11 август поднесе обвинение против Додик и Лукиќ (директорот на Службен весник), потврдено од судот на 11 септември. Пресудата против претседателот на Република Српска Милорад Додик, со која му се одредува една година затвор и шест години забрана за политичка дејност, се користи за плашење со дестабилизација на БиХ и регионот, наратив што го пропагираат официјална Србија, Унгарија и Русија. За Москва тоа е „политички мотивиран прогон“, па затоа злокобно предупредува дека „ќе има катастрофални последици за ситуацијата во Босна и Херцеговина и целиот регион“, пренесуваме текст во целост од Вистиномер. Пишува: Стојан Синадинов. Кога на почетокот на деведесеттите години од минатиот век распадот на поранешна Југославија ја започна епизодата во Босна и Херцеговина, едно од предупредувањата за големината на нејзината трагичност беше синтетизирано во апдејтуваната реплика од Шекспировиот „Хамлет“. Познатата дилема „Да се биде или не“ стана „БиХ или не БиХ“ (од „Biti ili ne biti“ на српско-хрватско-бошњачки јазик). Точно 30 години по постигнувањето на Дејтонскиот мировен договор, со кој е дефинирана актуелната политичко-државна состојба на Босна и Херцеговина, претседателот на еден од нејзините ентитети Република Српска, Милорад Додик, го лансираше ехото на „босанскохерцеговскиот Хамлет“ – „БиХ или не БиХ“.
Додик е прогласен за виновен и осуден на една година затвор и шест години забрана за вршење на функцијата поради неисполнување на одлуката на Високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ, Кристијан Шмит.
Високиот претставник Кристијан Шмит укина два закона за ентитетите на 1 јули 2023 година и воведе измени во Кривичниот законик на БиХ, а Додик на 7 јули 2023 година потпиша декрети, објавени во Службен весник на РС, прогласувајќи ги „своите“ закони за валидни, па Обвинителството на БиХ на 11 август поднесе обвинение против Додик и Лукиќ (директорот на Службен весник), потврдено од судот на 11 септември.
Додик се закануваше со отцепување на Република Српска од БиХ доколку биде осуден, а притисоците врз судот добија димензија на странско мешање во внатрешните работи на БиХ. Во тоа, секако, предничеа неговите најголеми политички пријатели, српскиот претседател Александар Вучиќ, унгарскиот премиер Виктор Орбан и официјална Москва, кои со нивните реакции ја доведоа во прашање и безбедноста и стабилноста на регионот. Додик на митингот во Бања Лука – организиран според добропознатата матрица за искажување „народна поддршка“ за водачите – веднаш се пофали дека добил два важни телефонски повика – од Вучиќ и од Орбан. Паралелно, но и синхронизирано, српските и руските медиуми вршеа директни преноси од изрекувањето на пресудата и митингот, создавајќи го толку потребниот медиумски „шум“ за ширење дезинформации и пропаганда. Казната за Додик како казна за сите Срби. Додик ја обвини Федерацијата БиХ дека извршила државн удар во Република Српска, па затоа нема да ги признава нејзините судски и безбедносни инстанци. Вучиќ по итно одржаната седница на Советот за национална безбедност на Србија одлета во Бања Лука, филувајќи ја поддршката за Додик со наративот дека пресудата против него е закана за сите Срби, за потоа да биде свикана посебна седница на Народното собрание на Република Србија за состојбата во Република Српска и БиХ, која треба да трае три дена (14-16 март), и на која ќе присуствува Додик. Вучиќ притоа вешто манипулира со случајот Додик. Во Србија го „увезува“ неговиот проблем со непочитување на законот како загроза за сите Срби во регионот, надевајќи се дека барем малку ќе го амортизира притисокот од студентските и граѓанските протести за фундаментални промени во поглед на одговорноста во Србија, а од друга страна, пак, го „моли“ Додик да не ја затегнува ситуацијата во БиХ и му суфлира да преговара со политичките фактори во БиХ, но да бидат вклучени и претставниците на ЕУ, САД, Руската Федерација и Кина!
Се разбира дека благодарницата од Бања Лука за овој потег на Вучиќ пристигна експресно бргу, по оној стар принцип „Ја тебе војводо, ти мене сердару!“. Република Српска е горда што реагиравте како никогаш досега во историјата, ниту еден претседател на Србија, ниту кој било друг, и што дојдовте овде и покрај времето и проблемите што ги имате како претседател на меѓународно и на секое друго ниво. Ова е многу, многу важно за нас. Ние ја сфаќаме мировната улога што ја има Србија. Тоа е нејзина политика во регионална смисла, но тоа е и политика за зајакнување на самата Србија, посочи Додик. Манипулацијата во суштина се огледа во тоа што пресудата против Додик се користи за плашење со дестабилизација на БиХ и регионот, а во суштина Додик ќе може да го избегне затворот, бидејќи казната до една година може да се замени со парична казна, односно Додик ќе може да ја откупи затворската казна за 36.000 КМ (околу 18.600 евра). Но, ако казната стане правосилна, останува забраната да извршува политички функции: тоа е поголемата казна за Додик. И додека американскиот Стејт департмент ја поздрави пресудата против Додик – портпаролката Тами Брус на социјалната мрежа „Икс“ наведе дека САД цврсто се спротивставува на какви било активности на локалните лидери кои би ја поткопале безбедноста и стабилноста и го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Дејтон и Босна и Херцеговина – поранешниот градоначалник на Њујорк и адвокат на Доналд Трамп, Руди Џулијани, со (не)очекувана поддршка за Додик.
Во источна Европа многу повеќе се ценат чесноста и слободата. Запомнете дека сопругата на Трамп доаѓа од Словенија и тој е многу заинтересиран за овој дел од светот. Имате одлично раководство“, рече Џулијани, кој на крајот од говорот носеше капа со порака: „Направете ја Српска повторно голема“, рекол Џулијани на митингот за поддршка на Додик во Бања Лука. Од Будимпешта и Москва, пак, очекувано пристигнаа дијаметрално спротивставени гледишта од американските гледишта. За Орбан пресудата против Додик е политички лов на вештерки, па на социјалната мрежа „Икс“ тој напиша: Политичкиот лов на вештерки против претседателот Милорад Додик е тажен пример за злоупотреба на судскиот систем против демократски избран лидер. Ако сакаме да ја зачуваме стабилноста на Западен Балкан, ова не е вистинскиот начин. Орбан (не)случајно испратил околу 300 унгарски полициски специјалци од антитерористичката единица во Република Српска на заеднички вежби со припадниците на Министерство за внатрешни работи на РС. Конструктивните деловни односи на Додик и Путин. Москва го прокламира ставот дека пресудата против Додик е политички мотивиран прогон и упати силно и злокобно предупредување дека тоа „ќе има катастрофални последици за ситуацијата во Босна и Херцеговина и целиот регион“. Тврдејќи дека пресудата против Додик е вперена против „сите српски патриотски сили“, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков наведе: Путин често се среќавал со Додик. Ние многу ги цениме доверливите и конструктивни деловни односи што се изградени меѓу Путин и Додик. И, се разбира, ги цениме нашите историски братски односи меѓу Русите и Србите.
Со тоа Москва му возвраќа на лидерот на босанските Срби за неговиот став со кој спинуваше за улогата на Русија во војната во Украина, искажан на Светосавската академија во Скопје пред еден месец. За жал, има жртви и оние кои ги загубија животите, но Русија не требаше да дозволи НАТО да се постави на место од кое Москва и другите делови би можеле да бидат загрозени, особено по она што го рече Збигњев Бжежински, да се распадне на десетина одделни држави за да се контролираат руските ресурси, рече Додик на Светосавската академија. Интересно е како Додик се вклопи во трансферот на левичарски, или барем социјалдемократски настроените политичари кон крајниот десен блок. Америка и новата Европа досегнуваат кон овој регион, бараат партнери со кои ќе соработуваат, ќе генерираат трговија, ќе отворат работни места и ќе градат меѓусебна безбедност. Нашата цел е да ја интегрираме цела Југоисточна Европа во демократскиот тек на континентот и да го направиме новиот век време на растечки просперитет и ширење на мирот. Премиерот Милорад Додик е достоен партнер во овој напор. Тој мудро и вешто ја водеше Република Српска низ предизвикувачки и турбулентни времиња. Тој напорно работи на развивање на економскиот потенцијал на оваа област. И тој знае дека за неговиот народ, спроведувањето на Дејтон е единствениот начин да се направи следната деценија попрофитабилна од минатата… Чиј е овој цитат? На Медлин Олбрајт, поранешната државна секретарка на САД, изречен во 2000 година, која сметаше дека тогашниот премиер на Република Српска е „здив на свеж ветер на Балканот“, потсетува Н1, додавајќи дека Додик сега е на „црната листа“ на САД и се соочува со забрана за вршење на политички функции. Реалната политика одамна е базирана на вечен интерес, наместо на вечна љубов. Геополитичка конфронтација, економско влијание и политичко мешање тоа е „светото тројство“ на руската политика кон Западен Балкан. Земјите од Западен Балкан се на првата линија во геополитичката конфронтација на Русија со Западот. Додека Руската Федерација има силни историски врски со Западен Балкан и поседува одредена привлечност преку меката моќ за регионот, нејзиното влијание и економски ефекти таму се намалуваат. Во меѓувреме, присуството на ЕУ и НАТО во регионот напредува, а инвестициите и помошта од ЕУ-27 и другите играчи, како што е Кина, ги намалуваат руските инвестиции, се вели во сумарумот на извештајот на Европскиот парламент „Русија и Западен Балкан“ од април 2023. Сепак, не треба да се потценува и штетата што може да ја нанесат „малите играчи“, како и промената на нивниот интерес. Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар Извор: Новинска агенција МЕТА