Полицајци од Министерството за внатрешни работи на Република Српска го пронашле автомобилот „Шкода Фабија“ што го користел Емир Селимовиќ, осомничен за убиството на неговата сопруга Инела Селимовиќ и нивниот 13-годишен син. Возилото е пронајдено во селото Долна Мравица, но Селимовиќ не е пронајден. Тој го оставил автомобилот во ненаселен дел од селото, покрај шума, заклучен, и избегал. Полицијата е на терен и трага по осомничениот, пребарувајќи го поширокото подрачје, објавија босанските медиуми.
Полицијата во местото Калесија ги пронајде телата на 37-годишната сопруга на Селимовиќ, Инела, и нивниот 13-годишен син. Според првичните информации, тие биле задавени. Емир и неговата сопруга биле во процес на развод, но живееле во заеднички стан. Осомничениот убиец претходно денеска беше снимен на наплатните пунктови на автопатот „9 јануари“. Излегол од автопатот и се упатил кон регионалниот пат Прњавор-Челинац. Во потрагата по осомничениот, полицијата побарала помош и од мештаните, а посетувала и куќи со видеонадзор, во надеж дека тоа ќе им помогне да го лоцираат бегалецот.