Бледскиот договор (исто така наречен „Спогодба Тито – Димитров“) — назив за повеќе билатерални договори помеѓу ФНРЈ и НР Бугарија потпишани на 1 август 1947 година во Блед, НР Словенија, ФНР Југославија. Овие договори го означувале обостраното тежнеење и настојување да се продолжат и развиваат нови односи помеѓу двете земји. Договорот бил пример за тоа како во текот на Студената војна е возможна мирољубива и блиска соработка помеѓу држави и народи кои во минатото, па и во последната војна биле непријатели. Го потпишале бугарскиот лидер Георги Димитров, и југословенскиот лидер Јосип Броз – Тито, што го отворил патот за идно обединување помеѓу државите во нова т.н. Балканска Федеративна Република. Договорот ги укинал визите и дозволил царински сојуз. Договорот го предвидувал и обединувањето на Вардарска Македонија со Пиринска Македонија и враќањето на Западните покраини од СР Србија на Бугарија. Ова го означило првиот пат Бугарија да ги признае Македонците и македонскиот јазик.
Овие договори ги обележуваат меѓусебните аспирации и напори за развој на нови односи помеѓу Југославија и Бугарија. Тие се согласиле дека владата ќе ја преземе НР Бугарија за да ги осигура правата на Македонците во Пиринска Македонија (денес област Благоевград) во слободен национален, економски и културен развој, и воопшто односите на Бугарија спрема НР Македонија.[1]
Бледскиот договор бил прифатен со Договорот за пријателство, соработка и заемна помош помеѓу Југославија и Народна Република Бугарија, потпишан и објавен во Евксиноград. Договорот содржи неколку точки за економска соработка, за царинско олеснување, подготовка на царинска унија, олеснување на граничните премини, граничен премин на границата на населението и за државјанството на двете земји. Југословенската влада се откажала од $25 милиони за воената штета што им ја должела Бугарија.
Политиките што произлегле од договорот биле повлечени по расколот на Тито и Сталин во јуни 1948 г., кога Бугарија, подредена на интересите на Советскиот Сојуз, зазела став против Југославија.[2] Кога Информбирото ја организирало кампањата против Југославија, тоа го предизвикало прекинот на раководството на југословенската комунистичка партија, по што владата на Народна Република Бугарија, на 1 октомври 1949 г., го раскинала Бледскиот договор за пријателство, соработка и взаемна помош (освен одлуката за опростување на воената оштета). Неодамна декласифицираниот документ на ЦИА од ноември 1948 година, ги опишува тензиите помеѓу двете земји и изгледите на народот во СР Македонија.[3]