Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман побарал украинскиот претседател Володимир Зеленски да учествува на денешната историска средба меѓу Русија и САД што се одржа во Ријад, но двете страни, и Американците и Русите, инсистирале средбата да се одржи без Украинците, објави „Блумберг“ повикувајќи се на извор запознаен со ситуацијата. Денеска во Ријад рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот на Путин за надворешна политика Јуриј Ушаков се сретнаа со американската делегација претставена од државниот секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Валц и специјалниот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф. Изворот на „Блумберг“ вели дека престолонаследникот сакал да го вклучи Зеленски во разговорите, но двете страни, Русија и САД, инсистирале дека средбата мора да се одржи без Украина.
Според изворот, саудискиот владетел планира да го информира украинскиот претседател за улогата на Кралството во организирањето на состанокот и за неговите разговори со руски и американски претставници. По денешните разговори меѓу руската и американската делегација, Зеленски најави дека ја одложува посетата на Саудиска Арабија. „Не бевме поканети на оваа руско-американска средба во Саудиска Арабија. Не сакам никакви случајности, затоа не одам во Саудиска Арабија“, рече Зеленски, додавајќи дека неговата посета ќе биде одложена за 10 март.