Под црногорско знаме пловат речиси 500 јахти, во сопственост на граѓани и компании од над 40 различни земји, од кои повеќето се во сопственост на граѓани или фирми од Србија. Управата за поморска безбедност и управување со пристаништа вчера објави листа на регистрирани јахти, на која се гледа дека меѓу сопствениците на 486 пловни објекти, повеќето се од Србија и Русија, пренесува порталот Дан. Најмногу јахти поседуваат граѓани или фирми од Србија, 146, а потоа следат државјаните на Русија, 123, додека црногорските граѓани и компании поседуваат 71 јахта.
Меѓу сопствениците на јахти има државјани на Кина (22), Украина (19), САД (16), Босна и Херцеговина (12), Германија (10), Франција (девет) и Британските Девствени Острови (седум). Сопственици на јахти под црногорско знаме се и државјани на Сејшели, Латвија, Лихтенштајн и Казахстан. Од вкупниот број на јахти, според видот на сопственоста, доминираат поединци, пишува црногорскиот портал.