Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Петар Богојески, им ги раскина договорите на тројца евалуатори и ги исклучи од базата на надворешни експерти. Како што наведуваат од Агенцијата, овие лица биле вклучени во процесот на евалуација без претходно да имаат завршено соодветна обука за оценување на апликации за доделување на грантови, што, како што наведуваат, претставува сериозно отстапување од утврдените процедури и стандарди. За истото ќе се утврди одговорност и за внатрешно вработени лица во Националната агенција.
„Во насока на унапредување на квалитетот и интегритетот на евалуациските процеси, Богојески најави сеопфатна реевалуација на сите евалуатори, при што во првата фаза ќе бидат заменети најмалку 50% од нив. Процесот е планирано да биде комплетиран најдоцна до август 2025 година. Националната агенција останува цврсто посветена на транспарентно, одговорно и законито работење, како и на доследна борба против корупцијата во сите нејзини форми“ велат од Агенцијата за европски образовни програми и мобилност.