За кусо време ќе се дознае на кој начин ќе се реализира проектот за хидроцентралата, за која досега имаше 14 неуспешни тендери. Државата за првпат ќе го заштити македонскиот рубин како национално богатствоДржавата не завршила со проектот „Вардарска долина“, тврди министерката за енергетика Сања Божиновска. Периодов, експертската јавност реагираше дека „Вардарска долина“ е најпогодна за изградба на каква било пруга, но во исто време, изградбата на брзата пруга го исклучува проектот за хидроцентрали по течението на Вардар. Двата проекта не можат да егзистираат истовремено, оценија експертите.
– Не сме се откажале од ништо што е бенефит за Македонија – рече Божиновска, прашана дали Владата се откажала од проектот „Вардарска долина“ на сметка на изградбата на брзата пруга на Коридорот 10.Проектот „Вардарска долина“ се состои од 12 хидроцентрали по текот на реката Вардар од Скопје до Гевгелија. Од нив две (ХЕ Велес и ХЕ Градец) се акумулациони, а останатите 10 се проточни. Според податоците од ЕСМ, вкупната инсталирана моќност на централите изнесува 324,5 MВ, а годишното производство на електрична енергија би требало да изнесува 1309 ГВч, што претставува околу 20 отсто од годишната бруто-потрошувачка на електрична енергија во Македонија.
– Според физибилити студијата на ЕСМ, цената на проектот би изнесувала 1130 милиони евра, односно околу 3,5 милиони евра за 1 MВ инсталирана моќност, пресмета професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола. Инаку, по осамостојувањето на Република Македонија, во септември 1994 година е формиран македонскиот конзорциум „Вардарска долина“.
На прес-конференцијата по повод една година од работата на Министерството за енергетика, Божиновска додаде и дека ХЕЦ Чебрен ќе стане реалност, што е потврда дека секој мегават од браната која ќе биде изградена и ќе претставува чекор напред кон нашата енергетска самостојност. Таа исто така најави дека во кус временски период ќе се дознае на кој начин ќе се реализира проектот за хидроцентралата, за која досега имаше 14 неуспешни тендери, целосно од страна на државата или преку јавно-приватно партнерство.
Вкупниот износ на инвестицијата е минимум милијарда евра, а се проценува дека би можел да достигне до милијарда и 300 милиони евра.
– Препораката на експертите од работната група за Чебрен и Галиште беше дека проектот треба да е наш, во државна сопственост. Сега проверуваме колку тоа би чинело, минимумот е милијарда евра, бројката достигнува до милијарда и триста милиони евра. Буџетот знаете каков ни е, имаме повеќе опции, ќе видиме што е најисплатливо за нас како држава бидејќи милијарда и 300 милиони не е мала бројка. Најубаво е да биде наш, македонски, но треба да се договориме колку финансии ни се потребни веднаш бидејќи тоа е проект што ќе се гради осум години. Да видиме што значи тоа финансиски за нас, дали ќе биде 100 проценти наш или јавно-приватно партнерство што ќе го знаме се надевам за многу кратко време – рече Божиновска.
Министерката посочи дека во изминатата година изградиле институција што ја движи енергетиката, а особено истакнувајќи го значењето на новиот Закон за енергетика.
– Донесен е десетгодишен план за развој на преносната мрежа, воведена е методологија за енергетска сиромаштија, обезбедена е забрана за исклучување на струја во зимските месеци за ранливите домаќинства. Исто така, лани 7.000 семејства добија ваучери за инвертер клима-уреди, а годинава ќе бидат обезбедени 60 милиони денари за поддршка на лицата со попреченост и нивните семејства – рече Божиновска.Од Министерството најавуваат дека до крајот на годинава ќе се донесат закони за обновливи извори, за енергетска ефикасност, за јавно-приватно партнерство, за геологија и рударство со кој првпат се заштитува македонскиот рубин како национално богатство. Инаку, во првиот квартал од годинава се наплатени 247 милиони денари за експлоатација на минерални суровини, двојно повеќе од лани.