Ревизорите обрнуваат и внимание дека Комисијата е тужена страна пред надлежните судови за судски предмети од кои може да произлезат идни финансиски обврски Повеќе нерегуларности и системски слабости покажала Ревизијата на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност на Комисија за хартии од вредност на Република Северна Македонија што ја направил Државниот завод за ревизија. Ревизорите констатирале дека било извршено бришење од сметководствената евиденцијата на расходуваните движни ствари по попис, без одлука на Владата и без спроведување постапка за нивно отстранување, како и оти исплата на плата на дел од вработените се врши за неполно работно време и применета пониска стапка при пресметка на надоместокот при спреченост на работа (боледување). Во Извештајот се констатира дека се направени расходи без поткрепувачка документација и набавки на стокa и услуги без спроведување постапка за јавна набавка над законски вредносно утврдениот праг.
Нотирана е и потребата од уредување на платата и надоместоците на избраните и именувани лица од Собранието, претседателот и комисионерите (членовите) на Комисијата со закон, потребата платата на вработените во Комисијата да биде уредена со закон или со Колективен договор и преземање активности за изменување и дополнување на регулативата – подзаконски акти, со кои ќе обезбеди доследно почитување на сметководственото начело на „модифицирано настанување на деловните промени, односно трансакции“, покажал Извештајот.
Ревизорите обрнуваат и внимание дека Комисијата е тужена страна пред надлежните судови за судски предмети од кои може да произлезат идни финансиски обврски по два основa и тоа: се јавува како трето тужена страна за надоместок на штета за контрола на берзански трансакции за акции издадени од Инвестиционо кредитна банка сегашна Халк банка во износ од 62.000 илјади денари и – вонпарнична постапка каде што Министерството за финансии на Република Србија бара да биде вклучена и Комисијата од страна на тужителот односно Југословенска извозна и кредитна банка АД Белград во стечај.