Христијан Мицкоски многу брзо ќе дојде до сознанието дека „бонусот“ што им го даде на клучните луѓе во обвинителствата и во судовите, со намера да не ја кочи истрагата за трагедијата во Кочани, бил погрешно разбран, умешно спинуван и на крајот – бесполезен. Ништо во правосудството не е сменето. И нема да се смени. Сè додека не се појават вистински луѓе на вистинските места. Ужасната трагедија во Кочани ги запре напорите на владејачката коалиција да спроведе кадровска реформа на клучните позиции во правосудството. Имав целосно разбирање за фактот дека во околности кога целата нација беше во жалост и гневна поради она што се случи во Кочани, промената на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, на пример, ќе беше разбрана како „блокирање“ на истрагата, па дури и како обид таа да се забошоти.
Спин по спин – приказна Но, знаев дека таа изнудена одлука на премиерот Христијан Мицкоски да го поштеди Коцевски од смена ќе биде разбрана погрешно, а потоа и спинувана во спротивната насока. Така се прошири наративот дека Мицкоски му дал шанса на државниот обвинител, со намера да го држи под контрола и за да ја насочува истрагата. На сличен начин се спинува и запирањето на притисокот за смена на петте членови на Судскиот совет на кои парламентот им изгласа недоверба. Брзо се прошири спинот дека на тој начин партијата на власт сака да ги стави под контрола тие членови и целиот Судски совет, како и судиите кои зависат од нив. Да се разбереме, кога јас би бил „спин-доктор“ на опозицијата, веројатно и јас би креирал таква манипулација. Така се прави тоа. Најбезобразно.