Ние сакаме да бидеме транзитна држава во железничкиот транспорт од средна и западна Европа кон грчките пристаништа, а сè уште не сме ја направиле либерализацијата на железничкиот сообраќај, со што би се овозможило непречено користење на пругата од странски транспортни оператори. Освен тоа, како мислиме да ги ослободиме граничните премини од царински прегледи ако не сме полноправна членка на ЕУ. Со распаѓањето на Југославија, а особено со избувнувањето на војната во 1992 година во Хрватска и во Босна и Херцеговина, меѓународниот железнички транспорт од Европа кон Грција беше комплетно прекинат. Грците, за да ја надминат оваа ситуација, со помош на европските фондови експресно изградиле флота од брзи фериботи со чија помош го префрлија товарниот камионски сообраќај кон Италија. Од пристаништата Пиреја, Игуменица и Патра, со фериботи камионите се возат кон Бриндизи, Бари, Анкона, Венеција или Трст, за оттаму без никакви гранични и царински пречки да дојдат во средна и западна Европа. Со тоа нашата железница го изгуби транзитниот транспорт. А во рамките на нашата држава, поради имањето на релативно добра патна мрежа, целиот транспорт на патници и стока се одвива со камиони, автобуси и автомобили. Железничкиот транспорт се користеше за некои потреби на Железарницата, Фени и по некој патник што оди по работа или риболов. Тоа предизвика постепено опустошување на овој сложен железнички систем.
Со доаѓањето на коалицијата ВМРО, Вреди и ЗНАМ на власт, повторно се актуализира прашањето со железницата, што е за поздравување. Таков сложен систем како што е железницата, не би требало тукутака да се напушти затоа што еден ден пак ќе има потреба од него. Се обзнанија неколку идејни проекти за железницата како железнички градски сообраќај околу Скопје, пругата кон Бугарија, ремонт на пругата Табановце-Скопје-Гевгелија и изградба на брза двоколосечна пруга Табановце-Гевгелија. Овде ќе се осврнеме само на проектот за брза пруга Табановце-Гевгелија. Прво беше најавено дека се разгледува опцијата за изградба на двоколосечна експресна пруга за брзини до 200 км/ч од Табановце до Гевгелија во просторот кај Свети Николе. Но, по потпишувањето на Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство и со најавата дека ќе добиеме голем кредит од околу 6 милијарди евра (5 милијарди фунти) за инфраструктурни проекти, проектот со пругата се преиначува на старата траса по Вардарската долина Табановце-Скопје-Гевгелија со брзини од 160/120 км/ч за патнички и товарен транспорт. Овој проект би требало многу брзо да започне со реализација во која британски фирми би го проектирале и изградиле, нормално заедно со учество на наши фирми.
Овде би разгледале едно друго прашање. Владата вели дека ова ќе го изградиме со наши пари (преку кредити) за потоа целиот приход од 120 милиони евра годишно да биде наш. Земјите членки на ЕУ во вакви скапи проекти влегуваат со поткрепа од фондовите за развој на ЕУ. А ние, една од најсиромашните земји на Европа овој проект ќе го градиме сами. Тука се отвораат неколку прашања. Дали овој проект го работиме во соработка и координација со Европската Унија, која ќе гарантира дека ќе го пренасочи товарниот сообраќај преку овој правец? Дали и соседните држави како Србија и Грција во исто време ќе ги изградат своите делници со ваква двоколосечна пруга, па така овој правец едновремено да се пушти во промет? Ако тоа не е така и ние го изградиме нашиот дел, а соседите не, тогаш ништо не сме сториле. Од првиот ден кога пругата ќе биде изградена ќе почне да тече времето на нејзината амортизација, а и ануитетите на кредитот ќе дојдат за плаќање. Ќе се трошат големи пари за нејзино одржување, а таа ќе стои празна, без возови и без приходи.
Ние сакаме да бидеме транзитна држава во железничкиот транспорт од Средна и Западна Европа кон грчките пристаништа, а сè уште не сме ја направиле либерализацијата на железничкиот сообраќај, со што би се овозможило непречено користење на пругата од странски транспортни оператори. Освен тоа, како мислиме да ги ослободиме граничните премини од царински прегледи ако не сме полноправна членка на ЕУ. Ако немаме сигурен, цврст одговор на горе поставените прашања – влегувањето во градба на оваа брза двоколосечна пруга ќе биде една авантура со несогледливи штети по нашето стопанство. Тука можеби би била добра одлука да се оди на сериозен ремонт на постојната пруга, по Вардарската долина, со исправање на некои кривини за да се добијат поголеми брзини и со воведување некој модерен сигнално безбедносен систем. Таа би имала доволен капацитет за потребите до донесување одлука од ЕУ да го искористи овој правец за поголем транспорт. Тогаш би се пристапило со градба на ваква брза двоколосечна пруга. Овде не е на одмет да се каже дека една сериозна и сеопфатна консултација со сите засегнати страни како железничарите што ќе ја управуваат експлоатацијата на таа пруга, транспортните оператори и корисниците чија стока ќе се превезува, би била добра за да се добијат релевантни информации, со што се соочуваме при влегувањето во овој проект.
Автор: Игор Манговски (Авторот е пензионер)