Спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија е најдобро да го решат двете држави и да најдат компромис којшто би бил прифатлив за двете страни. Ова е ставот на амбасадорот на Полска во земјава, Мариуш Бримора, чија држава председава со ЕУ до јуни. Во врска со идејата за одложена примена на уставните измени, тој смета дека никој не може да даде пишани гаранции дека Софија немa да има други барања. Со одложена имплементација, никој не може да ви даде гаранција. Знам дека има голема загриженост во македонското општество дека ако уставните измени поминат, Бугарија може да бара дополнителни барања и да се отежни процесот.
Никој не може да ви даде пишани гаранции дека нема да го направи тоа. Единствената гаранција е тоа што Софија повеќепати изјави дека нема да направи такво нешто, дека нема да има нови барања. Можеби е време вие да направите проверка и да ја потврдите нивната добра волја. Како што реков, како билатерално прашање никој не може да го направи тоа место за вас. Ваша е одлуката дали сакате да разговарате и кога сакате да разговарате и да се обидете да најдете компромис кој би бил прифатлив за двете страни. Тоа не значи дека ние како Претседателство ќе останеме пасивни, изјави Бримора во дневник на телевизија „Сител“.
Тој најави дека овој месец полскиот заменик министер за европски прашања ќе оди во Софија каде, како што рече, верува дека ќе ја искористи приликата да ги убеди партнерите во Бугарија дека треба да работат на компримис прифатлив за двете страни. Модерната политика бара градење на мостови, а не рушење на мостови така што потребна е добра волја од двете страни и се надевам дека овој договор е можен. Има многу добар моментум сега со голем број чекори, изјави и инструменти од ЕУ во процесот на интеграции и клучно е да се искористи можноста бидејќи таа нема да трае вечно, вели Бримора.