Објава на Фејсбук тврди дека Британија е во војна со Русија, а ако тоа е точно (а не е), ние за тоа сигурно не би дознале од објава на фејсбук-корисник, туку за тоа би ечеле сите светски медиуми, особено затоа што и Русија и Британија се нуклеарни сили, а за тоа би била алармирана и ООН. Никакви битки (копнени, поморски или воздушни) меѓу британските и руските вооружени сили не се забележани, иако конфликтот во Украина трае дури 11 години (ако сметаме од руската инвазија на Крим и почетокот на војната во Донбас), односно 3 години (ако ја сметаме само сеопфатната руска инвазија), превземаме текст во целост од Вистиномер. Објава во социјалната мрежа Фејсбук започнува со сензационален наслов (пренесуваме директно и без корекција на печатните грешки): БРИТАНИЈА ВО ВОЈНА СО РУСИЈА,!
Велика Британија не е во војна со Русија, а таква вест нема никаде. Ако таа е вистинита (а не е), ние за тоа сигурно не би дознале од објава на некој обичен фејсбук-корисник, туку за тоа би ечеле сите релевантни светски медиуми, особено затоа што и Русија и В. Британија се нуклеарни сили, а за тоа сигурно би била алармирана и ООН и нејзиниот Совет за безбедност. Но, такво нешто не гледаме, затоа што веста е невистинита. Објавата продолжува, цитираме: Потегот на Трамп за прекин на војната во Украина и за правење договор за траен мир и најавата дека нема веќе американска воена помош за Украина е одличен. Тоа што потезите на Доналд Трамп наводно биле одлични е лично мислење на авторот на објавата, што ниту сакаме, ниту можеме да му го забраниме, но и тоа како сакаме и можеме да укажеме дека ова не е никаков доказ дека В. Британија и Русија се во војна. Потоа, објавата заклучува: На површина ја извади недвосмислено вистината дека Британија е таа која војува со Русија во Украина. Досега како “змија нозе” се криеја зад Америка. Сега се на ачик, добра мета. Каква е таа „недвосмислена вистина“ за која нема никаков доказ? Авторот на објавата се однесува небаре „војната на В. Британија против Русија“ е општопознат и очигледен факт, за кого дури е срамота да се бараат докази. Но, во реалноста, никакви битки меѓу британските и руските вооружени сили (копнени, поморски, воздушни или какви било) не се забележани во поновата историја, иако конфликтот во Украина трае дури 11 години (ако сметаме од руската инвазија врз Крим и почетокот на војната во Донбас), односно 3 години (ако ја сметаме само сеопфатната руска инвазија, која започна на 24.2.2022 г.).
Ако во војната имало вклученост на В. Британија – како што тврди објавата, Кремљ имал и тоа како време да собере докази за тоа и да ги изложи пред ООН, како и да ги прекине дипломатските односи со В. Британија и да ѝ објави војна, но Кремљ тоа го нема сторено. Објавата создава впечаток дека таа вклученост на В. Британија во војната најпрвин била потајна, а сега е отворена („на ачик“), но тоа со ништо не го аргументира. Чест наратив на Кремљ е тоа дека Русија во Украина „војува против НАТО“, што е неосновано и што служи за оправдување на неуспесите на Русија, во смисла дека „таа лесно би се справила со Украинците, ама, за жал, таа мора да се бори против куп НАТО-членки“. Затоа, Кремљ пласираше лажни вести од типот дека „во Славјанск дошле француски трупи“ или дека „во Мариупол бил заробен американски генерал“. Тврдењата за вмешаноста на В. Британија во војната потсетуваат токму на тие лажни вести. Ако поддршката на В. Британија за Украинците сепак ја сметаме за учество во војната, по таа логика против Украина војува и Белорусија (како отскочна штица за руската агресија) и Иран (кој ја снабдува Русија со дронови Шахед, балистички ракети и др.). И, многу поосновано е тоа дека за Русија се бори Северна Кореја, отколку дека за Украина се бори В. Британија. Таа не се бори за Украина, а она што В. Британија реално го прави е давање помош на Украина, како и предлози за најавениот мировен договор за Украина.
Со оглед дека Трамп одбива да испрати свои мировници, кои би пазеле на спроведување на тој мировен договор, Британија предлага испраќање на свои. Но, мировници не се борци и тие не се ни испратени, а и ставот на Русија кон нивното испраќање е негативен, па на крај не се знае како тоа ќе заврши. Во секој случај, тука не станува збор за тргање на Британците во некаков јуриш против Русија. Објавата завршува со зборовите: Ах, Тибетански мудреци, изгледа пророштвото ќе ви се оствари, прво ќе потоне тоа проклето островче. „Проклетото островче“, за кое тука се говори, е најверојатно В. Британија. Ние ниту можеме, ниту сакаме да му забраниме на авторот на објавата да има негативно мислење за таа земја, што е во сфера на лично мислење, но тоа што некои тибетански мудреци наводно предвиделе тонење на В. Британија никако не докажува дека таа е во војна со Русија. Земајќи го предвид сето досега изнесено, објавата ја оценуваме како невистинита. Извор: Новинска агенција МЕТА