Британскиот премиер Кир Стармер и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја истакнаа „потребата да се обезбеди праведен и траен мир“ во Украина, соопшти британската влада. Речиси три години од почетокот на руската инвазија на Украина, Стармер и Урсула фон дер Лајен „во телефонски разговор се согласија дека Европа мора да ги зголеми своите напори во корист на европската колективна безбедност“. Британскиот премиер, кој во четврток треба да се сретне со претседателот Доналд Трамп во Белата куќа, вети дека „ќе ги продолжи важните дискусии (за Украина) во наредните денови и недели, вклучително и во Вашингтон“, се вели во соопштението.
Европејците стравуваат дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе стави крај на војната, која Русија ја започна на 24 февруари 2022 година, под услови поволни за Москва, без да обезбеди безбедносни гаранции за Киев. Францускиот претседател Емануел Макрон се очекува во понеделник во Вашингтон. Во одвоен телефонски разговор денеска со украинскиот претседател Володимир Зеленски, Стармер ја повтори „непоколебливата поддршка на Обединетото Кралство за Украина“.
„Тие (Стармер и Зеленски) се согласија дека ова е важен момент за иднината на Украина и за европската безбедност како целина“, се додава во соопштението на британската влада. Стармер повтори дека Украина мора да биде во центарот на какви било преговори насочени кон ставање крај на војната“ во Украина. Лондон, кој редовно го истакнува историскиот „специјален однос“ со Вашингтон, има намера да ја игра улогата на посредник меѓу Американците и Европејците во Украина.