Рускиот претседател Владимир Путин продолжува да го тестира трпението на својот американски колега Доналд Трамп и додека нуди различни „мировни гестови“, руските војници продолжуваат да напаѓаат цивилни цели во Украина, оценува британскиот историчар и новинар Овен Метјус во својата колумна за британскиот весник „Телеграф“. „Речиси секој ден се чини дека Русија нуди некој очигледен гест на мир. А сепак, за секое маслиново гранче што го нуди Кремљ со десната рака, таа продолжува да ги погодува украинските цивили со левата“, додаде Метјус.
Метјус додаде дека Трамп се закани дека ќе воведе секундарни санкции кон Русија. Како што наведе, Путин треба да го сфати ова сериозно, бидејќи падот на цената на енергијата веќе врши притисок врз руската воена економија. Метјус верува дека концентрираниот притисок од Вашингтон да се запре извозот на нафта во Индија, Кина и ЕУ би бил поразителен. Сепак, како што оцени, Путин е убеден дека Трамп никогаш нема да ја искористи целосната финансиска и регулаторна моќ на Соединетите Американски Држави против Москва. „Рускиот лидер сака да ја искористи алчноста на американскиот претседател. Затоа руската страна се почесто јавно зборува за заеднички руско-американски нафтени проекти“, рече Метјус и посочи дека Русија најверојатно ќе го одложи мировниот процес до последен момент.