Според првичните информации причина за вчерашната сообраќајна несреќа во која загинаа три лица, а осум се повредени е неприлагодената брзина на патот, изјави утринава министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој е во посета на СВР Охрид. – Во синоќешната сообраќајка, за жал, животот го загубија три лица. Согласно првичните информации што ги добив станува збор за огромна неприлагодена брзина на еден од учесниците кој, за жал, е починат – изјави Тошковски.
Бројот на сообраќајни жртви во првото тримесечје од годинава, според министерот, е отприлика сличен како минатата година, но како што оценува, бројките се катастрофални компарирано со европските стандарди. – Во иднина максимално мора да се фокусираме кон поголемо смирување на сообраќајот од секој аспект, како и на имплементирање на проектот „Безбеден град“ на цела територија на државата – рече Тошковски. Минатата недела, како што соопшти, на ЕНЕР се ставени дел од потребните закони за имплменетација на проектот „Безбеден град“. Сообраќајната несреќа се случи вчера меѓу Кичево и селото Трапчин дол, а според првичните информации што ги даде портпаролот на СВР Охрид, во несреќата учествувале три возила.