Вклучувањето на Бугарите, рамноправно со другите народи, во Уставот на Република Северна Македонија е само првиот чекор, чија реализација ќе му овозможи на Скопје да ги започне преговорите за членство, му кажал министерот за надворешни работи на Бугарија Георг Георгиев на македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски на средбата во рамките на Минхенската безбедносна конференција, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи на својата официјална веб-страница. Георгиев, според соопштението објавено од страна на бугарското МНР бил категоричен дека не е можно повторно преговарање или заобиколување на постигнатите договори зад кои стои цела ЕУ.
Добрососедските односи се хоризонтален критериум во процесот на евроинтеграциите и без нив не е можно да се постигне членство во ЕУ. Градењето добрососедство бара доверба, отворен дијалог, предвидливост и исполнување на обврските. Ставот на Бугарија во однос на европската интеграција на Република Северна Македонија е јасен и конзистентен. Европскиот компромис од 2022 година вклучува мерки и нивното целосно спроведување е единствениот пат напред, рекол Георгиев.