Бугарските власти преземаат сериозни мерки со кои целосно ќе се забрани користењето „вејпови“, електронски цигари и слични уреди откако е забележано нивно масовно користење кај младата популација и низа несакани ефекти по здравјето и животот на малолетниците. Мартин Христов од Плевен е татко на 14-годишното момче Валентин, кое почина на новогодишната ноќ откако консумирало смртоносен „вејп“. Ожалостениот татко ги повикува властите во Бугарија да ја забранат продажбата на „вејпови“ со наркотични средства, енергетски напитоци и алкохол на млади до 20-годишна возраст. Четиринаесетгодишниот Валентин никогаш не пушел дома, имал забрани од родителите и ограничени финансии. Меѓутоа, надвор, со друштвото, посегнува по опасниот „вејп“ со хексахидроканабинол и тоа го плати со животот. Само минатата година 36 малолетници од Варна завршија во болница со акутна интоксикација и разни форми на психоза по употреба на психотропни супстанции. Според експертите, тоа се должи и на употребата на синтетички дроги преку уреди за испарување.
– Дилерите ги носеа овие мали шишиња со течноста, а сега можете да ги купите онлајн, можете да ги најдете во продавниците за „вејп“, многу лесно се достапни. А на интернет не прашуваат за возраст кога се нарачуваат. Во училиштата ситуацијата е многу лоша, бидејќи таму се дистрибуираат многу лекови, а овие работи се повеќе типични за помладите корисници – сведочи 20-годишно момче од Варна пред камерите на БНТ, бугарска телевизија што пред неколку месеци почна кампања за забрана на „вејповите“ – „Не диши смрт“.
Младите што консумирале „вејпови“ со синтетичка дрога веќе стануваат наркозависници, но ретко кој од нив е свесен дека „вејповите“ можат да одземат животот зашто никогаш не знаат каква течност има во убавите шарени шишенца што им ги продаваат дилерите и како ќе им делува. Алармот е вклучен во Бугарија и бугарските пратеници минатата недела едногласно, со 197 гласа „за“, во парламентот на прво читање изгласаа целосна забрана за понуда, продажба, дистрибуција и рекламирање електронски цигари за еднократна и повеќекратна употреба, без разлика дали содржат никотин или не – т.н. „вејпови“ и нивни носечки уреди. Меѓу првото и второто читање на Законот, пратениците се заложија да се допрецизираат забраните за продажба на далечина на сите тутунски производи како и поголеми санкции за малопродажните објекти кои ќе бидат фатени како ја прекршуваат регулативата, па дури и до нивно времено затворање и одземање на лиценцата за продажба на тутунски производи.
Цариниците во акција
Бугарската царинска агенција за само месец и половина од почетокот на годинава заплени 40.000 нелегални апарати за никотински „вејп“. Запленети се 25.000 нелегални „вејпови“ при проверка од софиската царина, а количината е еднаква со онаа запленета во текот на целата измината година. Станува збор за ненаркотични „вејпови“, но проблемот е што не ги исполнуваат условите на законот – се за еднократна употреба, но содржат 15-25 милилитри течност, а содржината на никотин често е над 2%, а барањата се да бидат под овој праг. Има и такви што содржат никотин 5% или повеќе. Задржани се и такви што наводно се безникотински, но се покажа дека го содржат во големи дози. Најчесто доаѓаат од Кина, но и преку други земји во Европската Унија. Тие се нарачуваат во комерцијални количини – меѓу 100 и илјадници, а една од големите пратки беше со 5.500 „вејпа“. Примачи се физички лица, кои потоа ги дистрибуираат на црно. Овие примачи се на возраст до 25 години, а има и неколку случаи на малолетници што се обиделе да „почнат бизнис“ со нарачување 100-200 „вејпови“ со пари од родителите.
Цвета нелегалниот пазар
По минатогодишната забрана за продажба на „вејпови“ на малолетници, процветаа илегалните трговски канали. И покрај зголемените контроли од царинската служба и туркањето на целосната забрана преку бугарското Народно собрание, практиката покажува дека дрогата секогаш наоѓа друг начин, па најголема превенција сепак е свесноста.
На нелегалниот пазар се појавува неверојатната разновидност на понудениот асортиман, уреди дизајнирани да ги привлечат млади луѓе со нивниот сладок вкус и атрактивен дизајн, а мета се малолетниците.
– Има сè помалку примероци на класични дроги и сè поголем удел на нови синтетички наркотици со изразен психоактивен ефект. Некои од канабиноидите се вклучени во списокот 1, односно тие се целосно забранети супстанци, заедно со хероин, кокаин, амфетамин, опасноста од нивната употреба не е помала, а најзагрижувачката е оваа опојност, агресивното биолошка замена за тревата, ова е големиот проблем, ги намамуваат клиентите што никогаш не можат да бидат сигурни што точно се пуши со „вејповите“ – вели Борјана Драгова, раководителка на Централната царинска лабораторија.
– Интересот за овој вид цигари видно расте, а нивната дистрибуција и потрошувачката се зголемува секој изминат ден, таа е популарна кај младите – додаде Росен Василев, директор на територијалната управа „Царина-Софија“.
Кога бескрупулозните онлајн дилери на дизајнерски синтетички дроги ги насочуваат сите свои напори на младите и неискусни корисници, резултатот е фатален. Бугарија е на пат да стане втора во светот по Австралија која ќе воведе целосна забрана за сите видови електронски цигари со течност, без разлика дали се за еднократна употреба или за повеќекратна употреба. Во Европа, Белгија и пред некој ден Франција исто така ги забранија „вејповите“, но само за еднократна употреба. Велика Британија исто така е на пат да го стори тоа. Причините се слични – „вејповите“ се премногу привлечни за младите и доведуваат до зависност. Глобално, „вејповите“ за еднократна употреба се забранети во повеќе од 30 земји, вклучувајќи ги Бразил, Индија, Тајланд и Турција, но без голем ефекти поради префрлањето на црниот пазар. Бугарското МВР почна сериозно да ги напаѓа сајтовите што продаваат најразлични варијанти на хексадифроканабинол – состојката од која почина 14-годишниот Валентин од Плевен, но некои платформи останаа да функционираат.