Жалам што наш сојузник во НАТО се однесува вака кон свој сојузник во рамките на НАТО, но оставам на останатите членки сојузници да судат. Да се користи како политичко оружје членството во ЕУ или интеграцијата на земјата во ЕУ, за да се решаваат билатерални прашања од пред неколку векови, навистина претставува несмасна дипломатија, рече премиерот Христијан Мицкоски.До денеска нема потврда дека ќе има средба на македонска и бугарска делегација на маргините на Самитот на НАТО во Хаг, овој месец, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
– До овој момент таква потврда немам, но планирам деновиве лично да се слушнам со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта за тоа дали има некаков одговор од другата страна, бидејќи тоа беше негова идеја, ние ја прифативме без резерва – рече Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања во Владата.
Мицкоски кон крајот на минатиот месец истакна дека на средбата во Скопје со високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, меѓу другото, разговарале и за евентуалната билатералната средба со бугарската страна и за нејзиниот формат, кој сè би можел да присустуствува и каде би можела да се одржи. Претстојниот Самитот на НАТО во Хаг, како што кажа Мицкоски тогаш, е добра можност за средбата. На неа би присустувале претедателката Гордана Сиљановска Давкова, бугарскиот претседател Румен Радев, претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта, претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ Каја Калас, а составот би го прошириле и генералниот секретар на НАТО Марк Руте и со висок претставник на САД.
Премиерот денеска изрази жалење за начинот на кој се однесува наш сојузник во НАТО, коментирајќи ги последните пораки кои пристигнуваат од високи официјални претставници на Софија, меѓу кои и од претседателот Радев и од потпретседателката Илиана Јотова, кои обвинија за притисок од македонска страна. Тие рекоа и дека треба будно да се следи што прави Скопје и што се случува во Европскиот Парламент.
– Жалам што наш сојузник во НАТО се однесува вака кон свој сојузник во рамките на НАТО, но оставам на останатите членки сојузници да судат. Да се користи како политичко оружје членството во ЕУ или интеграцијата на земјата во рамките на ЕУ, за да се решаваат билатерални прашања од пред неколку векови навистина претставува несмасна дипломатија. Но, во ред, така одлучила бугарската дипломатија, бугарските политичари, така одлучила бугарската политичка сцена, тоа е тоа, јас не можам да им кажувам како да однесуваат. Нам ни беше важно овие година дена светот да разбере дека суштината на проблемот не е да ги додадеме Бугарите во Уставот, односно сспоред последниот попис, над 800-те граѓани кои се дел од бугарската заедница кај нас и кои велат дека нивниот мајчин јазик е бугарскиот. Суштината е обид на еден инженеринг, да се создаде нова македонска нација, која е резултат на одлука на Коминтерната по 1945а година од минатиот век и дека таа нова македонска нација користи нов македонски јазик, кој станува службен во ОН во ’45-та, како дел од југословенската федерација година и дека почива на бугарски корени – рече Мицкоски.
Нагласи дека секој оној, кој не гледа дека ова е суштината на проблемот е или политички аналфабет или не треба да се занимава со политика.
– Ова точно го знаел поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи. Тој точно знаеше што прави, директно стави нож во белите дробови на македонскиот идентитет, и тоа никогаш нема да го заборавам. Прифаќајќи го францускиот предлог директно закова шајки во рацете и во нозете на македонскиот идентитет. Ќе се бориме до крај, додека можеме, не знам дали ќе успееме, но добиваме симпатии и сè повеќе земји и високи политичари го одобруваат ова што го правиме и нашите аргументи добиваат гласност – рече Мицкоски.
Тој уште еднаш праша зошто доколку проблемот е внесувањето на Бугарите во Уставот, биле поднесени амандманите со означување на македонскиот идентитет како сегашен во резолуцијата за Македонија во Европскиот Парламент.
– Зошто не се почитуваат одлуките од Судот за човекови права во Стразбур и не се признае ОМО Илинден Пирин? Зошто не му се дозволи на македонскиот народ во Бугарија да има свој претставник во Советот за малцинства заедно со Ромите, Евреите, Турците, Ерменците и останатите? Целиот свет гледа и суди. Ако на 24 јуни не помине резолуцијата во Комисијата за надворешните работи во ЕП, резолуцијата во која јасно стои посебниот многувековен македонски идентитет и македонски јазик, тогаш проблемот не е промена на Уставот, проблемот е вековниот македонски идентитет и јазик – порача Мицкоски.