Градоначалникот на Гостивар Валбон Лимани денеска на градскиот плоштад заедно со стотина граѓани, им оддаде почит на 59-те жртви од трагедијата што се случи во Кочани. Градоначалникот Лимани истакна дека овој настан е за да се покаже солидарност и да се изрази почит.
„Денеска сме сите собрани овде, гостиварци заедно, јас со советниците и многу други граѓани, за да изразиме пред се почит, но и да се солидаризираме со семејствата кои ги загубија своите најблиски во овој трагичен настан. Воедно, сакаме да испратиме пораки до сите оние кои се засегнати и се лекуваат во болниците, за што поскоро да закрепнат; и да се надеваме дека ќе нема и други жртви од овој тажен случај. Во иднина се надеваме дека ќе се собереме сите оединети само за убави пригоди“, изјави Лимани. Откако Владата прогласи 7 дневна жалост, денеска на половина копје се спуштени и знамињата пред општинската зграда во Гостивар.