Најновите анкети на јавното мислење во пресрет на изборите за членови на Европскиот парламент следниот месец покажуваат дека екстремно десничарските партии можат да се надеваат на солидни резултати во повеќе земји членки на ЕУ. Но, ова не важи за белгиските франкофонски партии од екстремната десница кои се речиси незабележителни на анкетите. Според белгиските политички аналитичари, ваквата состојба се должи на неформално усогласениот договор меѓу медиумите на француски јазик во Белгија, според кој, екстремно десничарските партии „практично се држат настрана од сајтовите со вести и етерот“.
Токму ваквиот „санитарен коридор“ кон екстремната десница, како што јави дописникот на МИА од Брисел, ја објаснува речиси целосната маргинализација на валонските десничарски политичари, за разлика од нивните фламански колеги, кои водат според популарноста во холандофонскиот регион Фландрија. Така во Фландрија двете водечки десничарски партии Фламански интерес (ВБ) и Нова фламанска алијанса (НВА), кои водат на анкетите во овој белгиски регион со меѓу 26 и 27,односно 20 и 21 отсто поддршка, добиваат ист третман како и останатите партии, што не е случај со валонските десничари од кои најголемата партија Наш дом (Ше Ну) може да се надева на нешто над еден процент од гласовите.
Професорот по политички науки на Универзитетот во Лиеж, Франсоа Дебра, вели дека едноставно новинарите „не им ги подаваат микрофоните“ на екстремно десничарските политичари.– Тоа ги спречува екстремно десничарските партии да бидат слушнати во ударните термин и да станат познати за мнозинството Валонци, смета Дебра.