Денеска со почеток од 17:30 часот во салата „Билјанини Извори“ во Охрид, Вардар и Пелистер ќе се сретнат во финалето на Купот на Македонија, во уште една голема пресметка за престижниот трофеј.
Ниту едната, ниту другата екипа немаа лесен пат до финалето. Вардар мораше да го мине Алкалоид дури по пенал-серија, откако регуларниот дел заврши без победник (28-28). Од друга страна, Пелистер се соочи со тврд отпор од мотивираниот Охрид и дури во самиот финиш успеа да обезбеди финале (27-23).
Денешниот меч се очекува да биде вистински спектакл, не само поради ривалството, туку и поради најавената поддршка од трибините. „Комити“ се очекува да бидат присутни во бројка од околу 150 навивачи, исто како и поддржувачите на битолскиот состав.Вардар ќе се обиде да го врати трофејот во своите витрини, откако минатата година беше освоен од Алкалоид. „Црвено-црните“ досега имаат дури 16 трофеи во Купот, а последниот го освоија во 2023 година. Пелистер, пак, последен пат славеше во 2005 година и вкупно пет пати се радувал на овој трофеј.