„Не сум го сторил тоа за што ме товарат, ве молам да ми дозволите и јас да осетам малку правда“, рече денеска Васил Јованов пред советот на Апелација каде одново беше суден за обвинението поврзано со трговија со дрога. На Јованов скопска апелација му ја преиначи казната во предметот за трговија со дрога од воспитно поправен дом во ефективен затвор од 3 години и 10 месеци, без да биде присутен ниту тој, ниту негов адвокат. Затоа Врховниот суд го врати предметот на Апелација на повторно одлучување. Според адвокатот на Јованов Панче Нефтенов, санкцијата што првично му беше изречена на Васил Јованов, да оди во воспитно поправен дом е добра одлука со која му се дава шанса на млад човек да ја увиди грешката и да биде рехабилитиран. Јавната обвинителка на Вишото јавно обвинителство Фатиме Фетаи, која го застапува предметот пред Апелација, рече дека со тоа се преценуваат олеснителните околности во однос на Јованов и казната е преблага.
„Самиот факт дека обвинетиот не ја признал својата вина пред судот и доброволно не ги прифатил последиците на своето однесување, со што би покажал каење за стореното доволно зборува за неговата свесност и истрајност како млада личност да се занимава со продажба на наркотична дрога во станови специјално изнајмени за таа намена, што е доволна слика за неговата ниска морална свест и лукративни побуди на лесен начин да дојде до профит на незаконит начин“, рече Фетаи. На ова адвокатот на Јованов рече дека тој изразил искрено жалење.
-За казната, се наметнува прашањето дали досега изречените казни на малолетни сторители на затворски кани за дрога ја исполниле целта на казнувањето? Дали затворите во Македонија се универзитети за криминал и дали затворите работат на рехабилитација на сторителите? Напротив, процентот на повратот на сторители, особено на овој вид кривични дела покажува зголемен раст, рече Нефтенов. По денешната јавна седница, тројцата апелациски судии дополнително треба да донесат одлука во однос на предметот на Јованов за трговија со дрога.