Универзитетскиот професор и поранешен вицепремиер, Васко Наумовски, коментирајќи го придвижувањето околу можниот мировен договор за Украина и најавената средба меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин, вели дека секогаш за вакви средби локациите се бираат во согласност со определбите на државите-домаќини. Во минатото имало самити помеѓу рускиот и американскиот претседател во Словенија. За овие разговори мировни како домаќини се понудиле и Турција и Србија. Сепак, Саудиска Арабија е избрана како земја која има подеднакво близок однос и со Русија и со САД. „Зеленски не е во ситуација да поставува услови.
Тој неодамна беше и исмеан од неговите соработници од САД кога рече дека никој не смее да ѝ каже на Украина како да постапува. Доволно е да видиме колку помош Украина добила од САД како воена поддршка и во форма на економска финансиска помош. Повеќе од 100 милијарди долари Украина има добиено поддршка само од САД. И секако, Трамп, кој доаѓа од бизнис-сферата, сега ќе сака на направи една своевидна трансакција. Го гледаме и во некои негови други потези. Кога станува збор за решавањето на конфликтите, Американците се тие што ја подготвуваат вечерата, а Европјаните се тие кои ги мијат чиниите“, рече Наумовски во гостување на „Телма“. Тој додаде дека за постконфликтните ситуации, ЕУ и државите-членки имаат една добра методологија, меѓутоа ниту еден конфликт, вклучувајќи ги и оние на Балканот, не може да се разреши без вклучување на САД. Наумовски додава дека според ова, се покажало дека ЕУ „не е способна да ги реши конфликтите дури и на сопственото тло, без вклучувањето на САД“.