Администрацијата на Трамп им наредила на високите американски воени лидери да планираат широки кратења што би можеле да го намалат буџетот за одбрана на земјата за дури осум отсто годишно, или за околу 290 милијарди долари во следните пет години, објави денеска „Вашингтон пост“. Секретарот за одбрана Пит Хегсет му наложил на Пентагон да ги испланира длабоките кратења, пишува весникот, повикувајќи се на документ од министерството за одбрана. Буџетот на Пентагон за 2025 година е проектиран на околу 850 милијарди долари. Пратениците од целиот политички спектар се согласуваат дека трошењета треба да биде масивно и доволно за да се одвратат безбедносните закани, особено од Кина и Русија. Кратењата, доколку се спроведат целосно, ќе ја намалат таа бројка за десетици милијарди секоја година на околу 560 милијарди долари до крајот на петте години. Во извештајот не се дадени детали за тоа каде ќе бидат направени кратењата во најголемата војска во светот, но во претходен текст на „Вашингтон пост“ на оваа тема се вели дека на мета би биле помладите административци во цивилните оддели на Пентагон, а не униформираниот персонал.
Веста, која доаѓа откако претставници на Министерството за владина ефикасност на Илон Маск, наводно, го посетиле Пентагон минатата недела – веројатно ќе наиде на силен отпор и од војската и од Конгресот. Од друга страна, Трамп денеска сигнализираше поддршка за нацрт-законот во Претставничкиот дом со кој ќе се зголеми буџетот за одбрана за 100 милијарди долари – потег што е во спротивност со кратењата што ги наложува Хегсет во документот. Планираните кратења исто така се спротивни на повиците на Трамп и Хегсет кон членките на НАТО да ги зголемат своите воени трошоци на пет проценти од БДП годишно. Соединетите Американски Држави сега трошат околу 3,4 отсто од својот БДП за одбрана, а прагот од пет отсто би бил уште понедостижен доколку се намали буџетот на Пентагон. Информацијата за плановите за штедење во Пентагон ги засегна акциите на големите американски одбранбени изведувачи, чија вредност денеска се намали за по неколку проценти. Во меморандумот на Хегсет се вели дека предложените намалувања мора да бидат изготвени до 24 февруари и да вклучуваат 17 категории кои Трамп сака да бидат изземени, вклучително и операциите на границата на САД со Мексико и модернизацијата на нуклеарното оружје и ракетната одбрана. Исто така, повикува на финансирање на регионалните штабови како што се Индо-пацифичката команда и вселенската команда. Но, други големи центри, како што е Европската команда, која ја предводеше американската стратегија во текот на војната во Украина, а исто така и Африканската команда и Централната команда — која ги надгледува операциите на Блискиот Исток – ги нема на списокот, пишува „Вашингтон пост“.