На прашањето на дали сегашната влада на Северна Македонија навистина сака да ги спроведе промените од преговарачката рамка и да стане членка на ЕУ, Вајц одговорил дека не знае, но она што го знае е дека мнознството во ЕП сака да ја поддржи земјата и целиот регион за подобар економски, политички и социјален развој.
– Знам дека и јас самиот се обидувам да го поддржам процесот на пристапување на сите шест земји од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија – изјави тој.
На прашањето дали Мицкоски „спровел организирана кампања во Брисел“ за да влијае врз документот, Вајц одговорил дека ја работи својата работа врз основа на фактите и што е можно пообјективно.
– Мојата единствена задача е да анализирам каде се наоѓа земјата во однос на европското право, владеењето на правото, независноста на судството, медиумите… И токму тоа го направив во овој извештај – додаде тој.
За тоа дали Европскиот парламент и АФЕТ имаат надлежност да го валидираат јазикот и/или идентитетот, Вајц посочи дека овој извештај е за состојбата на земјата во процесот на пристапување.
– Да, дел од тие вредности е правилното вклучување на малцинствата. Во овој случај, имаше многу дебати за вклучувањето на бугарската заедница, што е одразено во текстот. Но, покрај тоа, како што реков, станува збор за државата, за владеењето на правото – ова е процес базиран на заслуги, а билатералните прашања треба да се решаваат меѓу самите земји – изјави тој.
Во однос на тоа дали ова е билатерално прашање или прашање на ниво на цела ЕУ, известувачот на ЕП одговори дека во сегашната геостратешка реалност, Европејците мора да бидат обединети и да го стават она што ги обединува на прво место.
– Ова ќе ни помогне да продолжиме заедно напред. Се сметам за голем пријател на земјите од Западен Балкан, како и за голем пријател на Бугарија. Мислам дека ако го ставиме она што нè обединува на прво место, тоа ќе биде во најдобар интерес на нашите земји и нашите народи – заклучи тој.
На прашањето дали лично бил под влијание на Мицкоски или други европски лидери, Вајц одговори со категорично „не“.