Во седиштето на СДСМ вечерва се одржуваат седници на Централниот и Извршниот одбор. Според најавите, ќе се дебатираат актуелните политички состојби, како и одложените внатрепартиски избори, кои беа ставени на пауза поради трагедијата во Кочани. Како што денеска објави телевизијата „24“, опозициската партија го одредила 6 април како нов датум за избор на партиски претседател, откако реизборот на единствениот кандидат, Венко Филипче, беше закажан за 16 март – денот на кој се случи трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“.
Мандатот на Филипче на чело на СДСМ истече на 21 март. Според статутот на партијата, Филипче и Димитар Ковачевски го продолжија мандатот на Зоран Заев по неговата оставка. Откако Ковачевски се повлече по дебаклот на СДСМ на двојните избори на 8 мај лани, Филипче беше избран, но со мандат од само девет месеци.