Судијата Ивица Стефановски го испрашуваше третообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, Боре Видевски од Велес. Видевски ги негираше сите наводи од обвинението, рече дека не може да наведе посебна причина зошто го изнел пиштолот од дома и дека првообвинетиот Љупчо Палевски никогаш не му се заканувал. – Дали сте имале закани од Палевски? – праша судијата. -Не. Никогаш – рече Боре. – Каде е вашиот пиштол? – праша судијата. – Не знам. Тоа не е од сега, од поодамна. Дека не се најде дома разбрав при претресот. Можам да кажам дека повеќе години не ми текнало на него, ниту каде е ставен. Последната евиденција беше, ако се сеќавам точно, во 2017 година, во полиција, сектор за оружје, кога требаше да се пререгистрираат дозволите. Но, ни тогаш не го барав пиштолот, туку ги однесов само дозволите. После рекоа дека ќе ме викнат, но остана на тоа и не ме викнаа. Ако не ги сметам овие година и пол, тогаш 2 години претходно го немам видено пиштолот. Многу поодамна беше ставан на разни места во куќата и на крај е дислоциран надвор. Не можам да се сетам каде – рече Боре.
– Го изнесе некој комшија или вие? – праша судијата. – Јас го изнесов, но не се сеќавам каде го дислоцирав – рече Боре. – Надвор од куќата го изнесовте? – праша судијата. – Мислам дека да – рече Боре и додаде дека не може да се сети каде го однел. – Изнесовте пиштол и не се сеќавате каде е? – праша судијата. – Не можам да се сетам ни кога е изнесен и каде е ставен. Тоа е направено многу поодамна од тие две години кои ги спомнав. Не сум љубител на оружје, купен е, да не речам од помодарство, пред повеќе од 30 години, бидејќи имаше прилика да се набави дозвола за тоа – рече Боре. – Се сеќавате дека сте го изнеле пиштолот од дома, ама не се сеќавате каде? Зошто го изнесовте пиштолот од дома? – праша судијата. Не можам да наведам посебна причина – рече Боре и додаде дека дома го чувал на разни места.
Судијата го праша Видевски зошто не користеле мобилни телефони и дали било вообичаено за активности на партијата да се користат мотороли. – Никој не рече дека е вообичаено. Тоа се први активности на партијата. Нема ништо невообичаено, затоа што дотогаш и не сме имале никакви активности – рече Боре. Тој одговори дека не знае чија била идејата да користат мотороли и дека не знае кој ги донел. Ги видел и зел една. – Не ви беше невообичаено Велибор да ве бара навечер и да ви даде ракавици, да се прошетате и да се вратите? – праша судијата. – Не знам колку било доцна, но не ми се верува дека било многу доцна. А за тоа зошто ме повикал, знаеше и друг пат да ми каже, имам работа, ако сакаш дојди – рече Боре. – Овој пат за каква работа ве викна? – праша судијата. – Не знам, да видиме нешто – рече Боре. – Видовте ли нешто? – праша судијата. – Не видовме ништо. Бевме по патот и се вративме, оти јас реков да се вратиме – рече Боре. Тој додаде дека Велибор не кажал конкретно каде одат и дека кога му рекол да се вратат, Манев веднаш прифатил. Видевски додаде дека не се сеќава дали и претходно се случувало Манев да му се јави и да го повика да прошетаат без да му каже каде и зошто. Со ова заврши испрашувањето од страна на судијата на обвинетиот Боре Видевски. (nezavisen.mk)