„Наместо да ги испитаат доказите што ги доставив, тие си подаваат рака, се штитат меѓусебно и ми се закануваат со дестабилизација. Станува јасно дека борбата против корупцијата не е приоритет за некои“, изјави Арсовска. Покрај тоа, упати апел до сите институции, меѓународни организации, амбасади и граѓански здруженија – особено оние кои се занимаваат со заштита на жените и борба против дискриминација – да не молчат.
„Овие денови сум мета на навреди, мизогини коментари и шовинистички квалификации од страна на лица кои некогаш ми беа блиски соработници. Ме нарекуваат со секакви погрдни зборови, само затоа што не сум подготвена да премолчам за криминалот“, додаде таа. Според Арсовска, Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, наместо да се соочи со прашањата поврзани со, како што вели, „сомнителните бизниси на неговите партнери во Чаир“, избрал да ја дискредитира лично.
„Мицкоски знае што зборувам – секој ден седеше со мене, правевме планови за проекти, но и за нешто многу пострашно – прикривање на криминал. Еден ден ми зборуваше како чесен професор, друг ден како човек кој ја води мафијата“, рече Арсовска. Таа заврши со прашање кое го поставува гласно и јавно: „Кој ќе застане на патот на овие криминалци? Кој ќе ги заштити жените од шовинистичкиот однос и политичкото насилство? Има ли уште некој кој навистина се грижи за правдата?“ Настапите на Арсовска на социјалните мрежи стануваат сѐ почести и поотворени, со директни обвинувања за корупција и институционално молчење. Очекувањата се дека нејзината борба ќе добие поддршка или сериозен одговор од надлежните органи.