Секој од нас барем еднаш во текот на месецот има проблем со главоболка. Но дали сите главоболки се опасни и кога треба да се побара лекарска помош? Дали секоја главоболка е загрижувачка? Дали зад главоболките се кријат некакви сериозни здравствени состојби? Заболуваат ли деца од мигрена? На дел од овие прашања, одговор побаравме од доктор Марија Гашоска, невролог од приватната болница Аџибадем Систина.
Докторката вели дека главоболката е еден од најчестите симптоми на кој се жалат пациентите. Не само во невролошките специјалистички амбуланти, туку и воопшто. Најчесто не е сериозна состојба, односно не треба веднаш да се прават скапи и непотребни снимања.
– Важно е дека главоболките треба да се разграничат дали се примарни или секундарни. Секундарна значи предизвикана од нешто друго. Обично тоа е рефлекс, знаци дека се работи за нешто сериозно. Најчесто тие се како резултат на повреди на глава, процеси во мозокот, како васкуларни или неваскуларни малформации, болести на очи, синуси. Ако зборуваме за хронични главоболки, тогаш нема потреба од итност и нема потреба од ургентно јавување на лекар. Секако, ако пациентите доживуваат главоболка која по јачина, по карактер е многу силна, станува збор за ургентна состојба – вели Гашоска.
Таа објаснува дека главоболките коишто се дифузни, „шетаат“, мигрираат, боли цела глава, обично се бенигни. Главоболката која е мигрена обично е унилатерална, односно боли половина глава.

– Болката е лоцирана над челото, кај слепоочниците, околу очите и по карактер е пулсирачка со јак интензитет. Болки кои тратат долг период на одредено место на главата, исто така се состојба на итност, или состојба при која треба порано да се јавите на лекар. Болката предизвикана од синуси, е исто така доста честа и многу често се меша со мигренозната главоболка, затоа што и таа е локализирана во пределот на челото околу очите. Но таа има пропратни симптоми на инфекција – затнат нос, покачена телесна температура, главоболката се засилува – вели Гашоска.
За главоболка предизвикана од тумор вели дека таа најмногу ги плаши пациентите. Но таа главоболка е најчесто доцен симптом на тумор на мозокот.
– Тие главоболки се страшни главоболки и секогаш одат со некои пропратни невролошки симптоми, главоболки коишто не се смируваат со аналгетици кои ги користиме дома, не ви даваат да спиете, ве будат така што тие главоболки се обично многу ретки – вели Гашоска.
Според неа, мигрената се дијагностицира амбулантски од клинички преглед. Не постои испитување коешто би ви ја потврдило дијагнозата на мигрена.

– За да докажеме мигрена, пациентот треба да има најмалку пет стереотипни напади. Да боли пола глава, интензитетот на главоболката да биде јак до умерен, се засилува при рутински физички активности. Пациентите се жалат дека им пречи светлината, звукот. Главоболката трае од 4 до 72 часа и кога ќе имате 5 или повеќе вакви напади, дијагнозата е веќе јасна – вели Гашоска.
Мигрената се лекува на два начини. Докторката вели дека први на листата се аналгетици. Доколку се работи за појака главоболка, постои посебна група на аналгетици-триптани и условот е тие да се земат на самиот почеток на главоболката пред да го достигне таа својот максимум.
-Кој лек ќе го избереме зависи од пациентот, од неговата состојба, возраст, другите придружни болести ако ги има. Мигрената се појавува најчесто затоа што невроните, нервните клетки се хиперсензитивни на надворешни стимуланси. Треба да спомнеме дека тоа многу често и генетско заболување, а факторите од околината, од надворешноста, ќе фаворизираат појава на мигрена – вели докторката.
Таа вели дека мигрена се појавува и кај деца.
– Мигрената се јавува до 40-тата година, обично значи дека е болест на помлади жени. Многу е помала веројатност дека мигрена ќе добиете, на пример, после 50-та година. Кај деца, исто така е честа, обично меѓу 6 и 15 години е пикот во детската популација, затоа што потешко се дијагностицира кај помали деца. Кај децата, мигрената трае пократко отколку кај возрасните. Она што сакам да апелирам, да не земате лекови на своја рака, бидејќи многу често се соочуваме со еден феномен на медикаментозно условена главоболка, ако земате многу лекови против главоболка во текот на месецот, тие не само што нема да ви помогнат, туку може да бидат причина за главоболка – вели Гашоска.